Мајка го спасила бебето од шрапнели
Дваесет и седумгодишната Украинка Олга била тешко повредена додека го криела своето бебе од шрапнели во Киев. Се присетува на шокот кога видела крв како го покрива нејзиното дете, по ударот на проектил кој го скршил стаклото во собата. Заедно со нејзината Викторија се лекуваат во киевска болница.

Во Украина, во областа Винорадар во Киев, мајка го спасила своето бебе за време на руското гранатирање. Малата Викторија успеала да преживее бидејќи нејзината мајка ја заштитила со сопственото тело. Бебето воопшто не е повредено, а Олга има повеќе длабоки повреди на лицето и главата.
„Кога се разбуди, правевме третмани со вода со неа, ја бањав и штом седнав да ја нахранам ја покрив со ќебе за да се стопли – бебето само поради тоа преживеа. Тогаш Дима скокна и не покри и нас. Ако таа лежеше во креветчето, се плашам и да помислам, но мислам дека ќе завршеше поинаку. За среќа таа беше во моите раце. Ѕидот во нашата куќа беше урнат. Оштетени се вкупно шест куќи наоколу, градинка и училиште“, рече Олга мајката на Викторија.
Таткото на Викторија, Дмитро, рече дека тој и неговата сопруга слушале гранатирање цела ноќ, што станувало се поблиску.
„Се разбудив кога Олга врескаше и се слушаше звук на удирање на стакло, аларм, оган, пукање. Катастрофа. Веднаш ги покрив со ќебе. Кога слегов во дворот, видов дека била гранатирана градинката во близина на нашата куќа. Вака изгледа рускиот мир. Вака изгледа се овде“, вели Дмитро татко на Викторија.
Семејството било пренесено во болница. На таткото му биле санирани раните од шрапнели на ногата, а мајката била оперирана.
„Мајката го покрила детето, и заради тоа бебето беше сосема безбедно. Не беше повредено. Мајката има повеќе длабоки рани на челото, вкупно околу 25 рани на телото и на главата“, рече Анатолиј Тимошенко хирург од детската болница Охматдит.
Во главниот град на Украина, кој руската армија се обидува да го опколи и нападне, за речиси еден месец загинаа повеќе од 220 луѓе, меѓу кои 4 деца.
Марина Ристова
