Воен конфликт

Москва предупредува: Праќањето мировници во Украина ќе предизвика директен судир меѓу Русија и НАТО

23.03.2022 13:07

Руските сили се обидуваат да го освојат Мариупол, стратегиски важно пристаниште. Целта е поврзување на Крим со југоисточниот регион Донбас. Украинските власти тврдат дека русите ја уништиле лабораторијата во нуклеарката Чернобил. Белата куќа предупредува дека пред Украина се тешки денови. Европската унија пред одлука за нови санкции за Русија. Од Кремљ, пак, порака-Русија ќе употреби нуклеарно оружје само доколку биде загрозено нејзиното постоење.

На фронтот – жестоки битки, илјадници раселени и стотици загинати. Во дипломатијата – интензивирани напори, заострена реторика, но и меѓусебни обвинувања и закани. Ова е епилогот на првиот месец од почетокот на руско-украинскиот конфликт. Спротивставените страни не ги менуваат ни ставот ни наративот. Она што Русија го нарекува „специјална воена операција“ Западот го толкува како директна инвазија. Согласност меѓу двете страни постои само за продолжување на разговорите за мировно решение.

Москва предупреди – праќањето мировници во Украина, најавено од Полска, ќе предизвика директен судир меѓу Русија и НАТО.

„Ова пролонгирање на разговорите во кое Американците играат еднострано одлучувачка улога е со цел да се драматизира ситуацијата. Со тоа му се дозволува на Зеленски да се обраќа пред светските парламенти, и да носи воени маички. И по секој таков говор да бара интервенција од НАТО. Нашите полски колеги најавија НАТО самит и одлука за праќање мировници. Се надевам дека разбираат што значи тоа“, изјави министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров.

„Договорен е прекин на огнот во областа Луганск“, изјави локалниот гувернер на регионот кој е под руска контрола, а Путин го призна како независен непосредно пред почетокот на конфликтот. Русија негира дека цели кон цивилни објекти и населението. Но Кремљ не ја исклучи можноста да се употреби и нуклеарно оружје.

„Претседателот Путин сака да го натера светот да слушне и да ги разбере нашите маки. Се обидувавме да му ги покажеме на светот, на Европа и САД со децении, но никој не нè слушаше. Имаме концепт на домашна безбедност. Јавен е и може да ги прочитате сите причини за употреба на нуклеарно оружје. Ако постои егзистенцијален ризик за нашата земја, тогаш може да се употреби согласно нашиот концепт“, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.

Мариупол и натаму под силен оган. Според украинските власти, уништена е и лабораторијата во Чернобил.

„Еден од хуманитарните конвои беше запрен од рускиот окупатор во близина на Мануш на договорената рута. Спасувачите и возачите на автобусите се заложници. Правиме сè што можеме за да ги ослободиме и да го одблокираме движењето на хуманитарната помош“, изјави претседателот на Украина Володимир Зеленски.

Американскиот претседател Џо Бајден ја почна европската турнеја. ЕУ подготвува нови санкции за Русија. Францускиот претседател Макрон во телефонски разговор со рускиот колега Путин за прекин на огнот и безбедносните проблеми. Генералното собрание на ОН на вонредна седница.

Маја С. Филдишев