Се зголемува бројот на бегалци од Украина
Виорот на војната во Украина во Охрид и Струга донесе уште две повеќечлени семејства кои допатуваа во нашата земја за да ги заштитат животите на своите деца. Во моментов имаат сместување и средства за живот, но прашање е колку долго ќе можат да издржат без поддршка од хуманите луѓе чија помош сега им е најпотребна.

Беше тешко да ја напуштиме родната грутка, но уште потешко беше исчекувањето дека нашите домови ќе бидат гранатирани и ќе ги доведеме во опасност животите на нашите деца. Вака ја започнаа својата тажна приказна двете украински семејства кои деновиве допатуваа во Охрид и Струга. Владимир кој работел како благајник и неговата сопруга Марија која е доктор невропатолог од Запорожје имаат пет деца, а со себе го понеле и детето на својот пријател. Во моментов бесплатно престојуваат во хотел во Струга кој не работи вон сезона, засега имаат средства за живот, но добро би им дошла како помош вегетаријанска храна и поддршка за едномесечното бебе.
„Во Запорожје имаме куќа која ја градевме 5 години и бизнис кој го развивавме 8 години. Домот ни е блиску до аеродромот и касарната поради што постојано слушавме пукотници и експлозии. Трпевме долго но повеќе не можевме да издржиме“, рече Владимир Орловски.
„Ѕидовите од куќата силно се тресеа поради гранатирањето, а кога низ градот започнаа да се шетаат вооружени групи кои ги блокираа патиштата заминавме. Дојдовме овде бидејќи минатата година како туристи ги посетивме скоро сите земји во регионот. Македонија ни остана при срце поради убавините, гостопримливите луѓе и затоа што е православна земја“, рече Марија Орловскаја.
Слична е приказната и на Олга од Полтава којашто вели дека на почетокот на војната со сопругот и трите деца спиеле во ходникот плашејќи поради експлозиите кои можеле да предизвикаат кршење на стаклата на прозорците. Последните десет дена пред заминување живееле во подрум.
„Многу беше гранатиран делот од градот во кој живеевме. Во станот покрај нас имаше уште десет лица кои пребегаа од Харков. Маж ми кој е психијатар многу се вознемири плашејќи се за животите на нашите деца и заминавме во Полска. Но таму изнајмувањето на стан чини 1.000 долари поради што дојдовме овде и сега плаќаме станарина од 250 евра месечно. Сакаме што поскоро да се вратиме дома“, вели Олга Косаченко.
Повозрасните деца на двете семејства следат онлајн настава по украински програми, но доколку е можно помалите би сакале да ги пратат во градинка за да се опуштат и социјализираат. Доколку хуманите луѓе сакаат да помогнат донациите можат да ги остават во Студиото на Мила Јордановски во центарот на Охрид на влезот од некогашната автобуска станица.
Сашо Нелоски
