Тетово

Тетово со недостиг на инспектори

23.03.2022 14:23

Поголем инспекциски надзор и казни за да се спречи самоволието во Тетово, бараат граѓаните кои пред сè, се жалат на узурпираните јавни површини, но и голема нечистотија. Од Општинскиот инспекторат Тетово пак, велат дека се на терен, но не можат целосно да делуваат, оти немаат доволен број вработени. Нема и доволно сектори и возила за извршување на дејноста.

Узурпирани тротоари и улици со возила и тезги, загадена околина со купишта смет, јавни површини кои се пренаменуваат во паркинг места за нови згради, се децениските проблеми во Тетово, со кои властите тешко се справуваат. Казни се помалку, а со тоа и храброста се поголема за градежни зафати на диво, фрлање смет кој каде ќе стигне. Инспекторите, велат тетовци, никаде ги нема, затоа и анархијата во градот е сè поголема.

Од општинскиот инспекторат одговорија дека немаат капацитет да делуваат целосно. Од потребни 30 инспектори вработени се 16. За поефикасна работа по новата систематизација, треба да се воведат и нови инспекциски сектори, со свои раководители.

За ослободување на јавните површини потребна е и поголема соработка но и контрола од институциите на централно ниво, како полицијата и пазарната инспекција.

Сепак Алили вели дека состојбата за разлика е порано е малку подобрена. Пред неколку месеци инспекторатот немаше возила, а дел од инспекторатите и не функционираа.

Но, за град како Тетово со голем број жители и проблеми, потребно се поголеми средства и опрема, но и човечки ресурси за поефикасна работа.

Зоран Димовски