Политика

За измените во изборниот законик, потребен е дијалог и консензус

23.03.2022 15:04

СДСМ е декларативно за една изборна единица, но практично се крие зад ставовите на ДУИ кои се против-велат од ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата ја повикуваат власта да не ги блокира измените на изборниот законик. Македонија една изборна единица е наша програмска определба-велат од СДСМ. За измените во изборниот законик, потребен е дијалог и консензус.

СДСМ се крие зад ДУИ за промена на изборниот модел за една изборна единица. Коалициските партнери ја продаваат приказната за лош и добар полицаец. Дуи има јасна цел овој процес воопшто да не почне со што процедурата, а СДСМ знаејќи го тоа повикува на консензус од сите партии иако знае дека тоа е невозможно обвинува ВМРО-ДПМНЕ.

„Претседателот на Собранието Талат Џафери изјави дека за ова прашање треба консензус од сите партии и сè друго е ултиматум и обид за надгласување. Сакаме да го потсетиме Џафери дека кога се работи за измени во Изборниот законик тој е човекот што без консензус го менуваше пред избори и последниот случај со распишувањето на локални избори во Маврово-Ростуша во кој немаше консензус од сите политички партии“, рече Дајанчо Ефтимов од ВМРО-ДПМНЕ.

Социјалдемократите велат нема вистина во тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ. Изборно ветување ни е една изборна единица, но сепак потребно е да се разговара.

„За ваква промена тврдиме дека е потребен поширок консензус и потребно е јавна дискусија. Во таа дискусија ќе може да говорат и експерти и да направиме компаративни искуства. Не можеме да кажеме дека тоа е најдобриот модел, но како партија велиме една изборна единица е подобро да имаме“, рече Снежана Калеска Ванчева од СДСМ.

Додека партиите се препукуваат околу една изборна единица или повеќе од шест, останува спикерот Џафери да делегира комисија и да се закаже јавна дебата во која експертите ќе кажат дали една изборна единица е добро решение.

Пратениците во Комисијата за политички систем ја изгласаа потребата од донесување на измените во Изборниот Законик, но останува отворено дали измената за една изборна единица ќе се усвои или ќе биде закочена во собраниските надмудрувања.

Миле Ристески