Здравство

Голем интерес за превентивните гинеколошки прегледи

23.03.2022 15:10

Продолжува акцијата за превентивни гинеколошки прегледи во руралните средини која ја реализираат гинеколози од Универзитетската клиника, со поддршка на Министерството за здравство и други установи. Мобилната амбуланта деновиве е поставена во Општина Липково. Поради големиот интерес Здравствениот дом ќе бара акцијата да продолжи и наредните денови. Целта е превенција и рана дијагноза на рак на грлото на матката.

Голем е интересот за превентивните гинеколошки прегледи кои се реализираат во руралните средини, информираат од мобилните амбуланти. Во општина Липково за три дена правото на бесплатната услуга ја искористиле 60-ина жени. Голем интерес имало и во општина Ранковце како и во Свети Николе. Акцијата започна да се реализира од декември, а од тогаш само оваа мобилна амбуланта имала над 300 прегледи. Целта е превенција и рана дијагноза на рак на грлото на матката. Контролите ги вршат гинеколози од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство. Велат интерес има кај сите возрасни групи, но процентуално најзастапена е повозрасната категорија.

Опфатени се доста региони сега овие последни денови сме во липковскиот регион. Секако дека има голем интерес бидејќи се дава многу полесен пристап на самите пациентки-жените, да дојдат да се прегледаат, да се советуваат. Денеска веќе имавме 10 прегледи од утринава, овозможен е целосен преглед, ПАП тест, се целосен рутински преглед и доколку постои некоја индикација да се препрати на соодветно место- истакна д-р Димитар Калчовски, Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство.

Од Здравствениот дом во Липково информираа дека поради големиот интерес ќе побараат акцијата да продолжи и наредните денови.

Работата на мобилните амбуланти е со поддршка на Министерството за здравство, Македонската асоцијација на гинеколози, Македонското лекарско друштво и Црвениот крст. Пациентките се прегледуваат на дневна основа, со закажан термин.

Елена Георгиевска