Ковачевски на вонреден самит на НАТО, се очекува средба и меѓу Османи и Генчовска
Премиерот Димитар Ковачевски утре ќе учествува на вонредниот самит на шефови на држави и влади на НАТО. Се очекува на маргините на самитот да се сретнат министрите за надворешни работи на Македонија и на Бугарија, Османи и Генчовска и да разговараат за решение за отстранување на ветото. Евроамбасадорот Гир очекува двете земји наскоро да постигнат договор за да може да се одреди датум за преговорите.

Учеството на премиерот Ковачевски на вонредниот самит на НАТО ја одложи посетата на бугарската шефица на дипломатијата Генчовска, која со својот македонски колега требаше да ги продолжи политичките разговори во Скопје.
Османи и Генчовска, сепак ќе се сретнат на маргините на НАТО самитот во Брисел за да ги продолжат разговорите за решение за отстранување на ветото за преговорите. ЕУ очекува двете земји наскоро да постигнат договор за да може да се почнат преговорите, вели евроамбасадорот Гир.
„Мислам дека е јасно сакаме да видиме почеток на преговори со Северна Македонија и со Албанија што е можно побрзо. Ги поздравуваме напорите на двете страни, Софија и Скопје, за разрешување на отворените билатерални прашања за да ова се случи многу брзо. Затоа ги охрабруваме да ги продолжат овие напори. Се надеваме ако продолжат напорите, ќе се отворат преговорите за време на француското претседателство“, нагласи евроамбасадорот Дејвид Гир.
Засилениот дијалог со Софија дава резултати, вели министерот за локална самоуправа Милевски, кој е дел од една работна група. Смета дека Скопје и Софија остануваат посветени да постигнат решение.
„Решителноста на премиерот на Бугарија која ја декларира во последниов период, не само со разрешувањето на нивниот министер за одбрана којшто одби да ја прогласи инвазијата на Русија врз Украина како таква, апсењето на поранешниот премиер и сите други чекори коишто ги прави, кај мене влеваат надеж дека пресекува работи и дека и овој проблем со Македонија решително ќе го пресече, меѓутоа за тоа треба да изнајдеме заедничко решение“, рече министерот за локална самоуправа, Горан Милевски.
ЕУ и покрај случувањата со Украина и преокупираноста со санкциите против Русија, останува на ставот дека почеток на преговорите е можен за време на француското претседателство.
Ирина Гелевска
