Пронајдени црните кутии на кинескиот авион, истрагата отежната
Нема преживеани во авионската несреќа, а поради големите оштетувања на воздухопловот отежната е и истрагата за причините на несреќата, соопштуваат кинеските власти.

По интензивните потраги, пронајдени црните кутии на боингот 737-800 на кинеската авиокомпанија „Чајна истерн ерлајнс“ кој се урна во планинската област Гуангкси. Нема преживеани во авионската несреќа, а поради големите оштетувања на воздухопловот отежната е и истрагата за причините на несреќата, соопштуваат кинеските власти.
„Авионот е сериозно оштетен во несреќата, поради што истрагата е многу тешка. Со оглед на фактот дека истрагата штотуку почна, со информациите што се достапни во моментов, сè уште е невозможно да се донесе јасна пресуда за причината за несреќата. Резултатите ќе ги објавиме веднаш штом ќе имаме детали од истрагата“, изјави Жу Тао, шеф на канцеларијата за воздухопловна безбедност на Кина.
„Боингот 737-800 со регистарскиот број Б1-791 беше во добра кондиција и беа запазени сите стандарди според барањата на СААС“, нагласи Сунг Шијинг – претседател на филијала на „Чајна истерн ерлајнс“ во Јунан.
И додека трае истрагата, експерти за кинеските медиуми коментираат оти е многу невообичаено авион од овој тип да паѓаа вертикално, за што сведочат очевидци кои го документирале падот со камерите од нивните мобилни телефони.
Авионот на една од водечките кинески авиокомпании летал од Куминг во западната провицнија Јунан до индустрискиот град Гаунгжу. Исчезнал од радарите над градот Буџу, неколку минути по летнувањето. Откако накратко успеал да ја врати височината од 2 илјади метри, за неколку секунди подоцна се урнал во планинската област Гуангкси.
Во стравотната авионска несреќа загинаа 132 патници и 9-мина членови на екипажот.
Маја Стојанова
