Од петок бесплатен јавен превоз за пензионери, средношколци, студенти и лица со попреченост
Од петок бесплатен јавен превоз за лицата над 64 години. Ќе важи во вторник, петок, сабота и недела. Бесплатен превоз има и за средношколците, студентите и лицата со попреченост. Директорот на ЈСП, Илиевски се пожали дека претпријатието се соочува со големи финансиски проблеми...

Од задутре започнува да важи одлуката за бесплатен јавен превоз за возрасни лица. Жените над 62 години и мажите над 64 години влегуваат во оваа категорија. Мерката ќе важи за вторник, петок, сабота и недела.
„Опфаќаме околу 80 илјади корисници на јавниот превоз во Скопје кои ќе имаат право да го користат бесплатно четири дена во неделата. Морам да напоменам дека воведувањето бесплатен превоз за возрасни лица е во согласност со одлуката на Советот на Град Скопје за дотации или давање на субвенции на Јавното сообраќајно претпријатие и средствата за оваа намена се обезбедени од буџетот на Град Скопје“, изјаив Иван Илиевски, в.д. директор на ЈСП Скопје.
Илиевски рече дека ЈСП лани имале 220 милиони денари загуба и 300 милиони денари обврски кои што треба да се платат према добавувачи.
„Се работи на сеопфатно решение и во овој момент она што е важно е што јавното сообраќајно претпријатие се соочува со големи проблеми. Јас верувам дека и во наредните денови директорот на ЈСП ќе информира за она со кое се соочува внатрешно, не само со финансиската девастација со која што е соочен, исто така и со оние искуства со кои се соочува на терен затоа што мораме да разбереме дека состојбата во која се наоѓа флотата на автобуси во овој момент во ЈСП е потполно иста со онаа во каква што била до пред три месеци“, нагласи градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
Воведувањето на оваа мерка ќе го чини Град Скопје 650 илјади евра.
Катерина Топалова
