Раст на платите во јавниот сектор

Владата и синдикатите не се договорија, најавен предупредувачки протест

23.03.2022 17:01

Владата и синдикатите не се договорија за скалесто зголемување на платите во администрацијата. Дел од вработените во јавниот сектор најавија предупредувачки протест на крајот на месецов. Од владата велат дека законските корекции за административците поминале на седница…

Дел од вработените во јавниот сектор на 30-ти месецов излегуваат на предупредувачки протест. Нема решение за скалесто зголемување на платите, владата и синдикатите не се договорија. Донесените измени од страна на владата во Законот за административни службеници се однесуваат само за оние вработени кои досега земале плата пониска од минималецот, велат од конфедерацијата на слободни синдикати.

„Има многу едноставно решение, а тоа решение е владата на седница да одлучи да го покачи само бодот на вработените во јавниот сектор проблемот ќе се реши. Законот за административни службеници е една голема манипулација, таков закон не помина ни на социјално-економскиот совет, се обидуваат да го качат бодот на оние кои се во најниска категорија на вработени, а тоа е Г категорија за да може сите да земаат минимална плата“, изјави Благој Ралповски, претседател на Конфедерација на слободни синдикати.

Поддршка за најавениот протест на КСС пристигна и од СОНК. Од таму пак најавија генерален штрајк во образованието на 11-ти април.

„За жал очигледно е дека владата нема интерес да ги зголеми платите во овие дејности и се разбира во другите дејности во јавниот сектор. Нема да излеземе барам засега на протест, од аспект на тоа што оваа недела собираме мислење за организирање на генерален штрајк којшто треба да започне на 11-ти април“, рече Јаким Неделков, претседател на СОНК.

Од владата со став, законските измени кои поминале на владина седница ги опфаќаат вработените со ниски примања.

„Основната цел на законот усвоен вчера е да се постигне еднаквост на вработените во приватниот и јавниот сектор со најниски примања преку воспоставување на ист износ на законската минимална плата, и скалесто зголемување на административните службеници на сите нивоа“, нагласи владиниот портпарол Душко Арсовски.

Предлог измените се очекува денеска да бидат испратени до Собранието. Вчера, со протест се заканија и синдикатот на УПОЗ кој како и КСС бара скалесто усогласување на платите со минималецот.

Ана Јосифоска Тодоровска