Воен конфликт

Столтенберг најави зајакнување на источното крило на НАТО

23.03.2022 19:50

Бруталната инвазија на Путин во Украина предизвикува смрт и секојдневно уништување, обвини генералниот секретар на Алијансата, Столтенберг. Го впери прстот кон Кина за политичка поддршка на Кремљ...

Месец дена од почетокот на воената инвазија во Украина. Руската војска со жестоки битки, зачестени напади и гранатирања во неколку украински градови. Бруталната инвазија на Путин во Украина предизвикува смрт и секојдневно уништување, обвини генералниот секретар на Алијансата, Столтенберг. Го впери прстот кон Кина за политичка поддршка на Кремљ и за ширење лаги и дезинформации. Најави зајакнување на источното крило на НАТО.

„Првиот чекор е распоредување на четири нови борбени групи на НАТО во Бугарија, Унгарија, Романија и Словачка. Заедно со нашите постоечки сили во балтичките земји и Полска. Тоа значи дека ќе имаме осум мултинационални борбени групи на НАТО по целото источно крило од Балтикот до Црно Море. Решени сме да направиме се за поддршка на Украина, но имаме одговорност и да спречиме војната да не ескалира надвор од Украина и да не стане конфликт меѓу НАТО и Русија“, нагласи Столтенберг.

Украинскиот претседател Зеленски преку Твитер објави дека пред утрешниот вонреден самит на НАТО, добил силна поддршка и гаранции за помош од британскиот премиер Џонсон. Го повика западот да не се двоуми – да ги зајакне санкциите кон Русија, а за Украина да обезбеди дополнителни воени средства. Зеленски преку видео врска се обрати и пред францускиот и јапонскиот парламент. Јапонските парламентарци ги информираше дека Русија се подготвува да изврши хемиски напад со сарин.

„Јапонија е првата земја во Азија што изврши притисок врз Русија. Би сакал да замолам да продолжите со економските санкции кон Русија. Се надевам дека Јапонија ќе продолжи да стои заедно со Украина“, нагласи Зеленски

Москва ќе бара рускиот гас да се плаќа исклучиво во рубљи. Русија ќе продолжи да испорачува природен гас, но трансферите ќе се одвиваат во руски валути, соопшти Путин.

„Нема смисла да испорачуваме наши стоки во Европската унија и САД и да примаме плаќања во долари, евра и други валути. Затоа решив да воведам сет мерки за промена на плаќањето што е можно поскоро – почнуваме од нашиот природен гас – за чија испорака до непријателските земји ќе примаме само руски рубљи“, нагласи Путин.

Објавени и првите сателитски снимки од Мариупол. Пустош и рушевини остана од градот – порта на регионот Домбас. Без храна, вода и лекови, околу 100 илјади цивили сè уште се заробени во градот кој интензивно е гранатиран од руските воени сили. Бомби паѓаат и во украинската престолнина Киев. Инцидент и во Москва. На Кремљ беше фрлен молотов коктел, а советник на Путин си даде оставка поради војната и ја напушти Русија.

Маја Стојанова