Фудбал СП 2022 (полуфинале плеј - оф)

Италијанците оптимисти, но и претпазливи

23.03.2022 20:11

Според сите фудбалски елементи, па и покрај проблемите со повредените и со недоволно подготвени играчи, Италија утре ќе биде фаворит против Македонија...

Според сите фудбалски елементи, па и покрај проблемите со повредените и со недоволно подготвени играчи, Италија утре ќе биде фаворит против Македонија. Со тоа на денешната прес конференција не се согласи селекторот Роберто Манчини, иако пред неколку дена изјави дека целта на „аѕурите“ е да бидат светски шампиони.

„Тргнуваме од иста позиција, од 0:0 и во 90 минути сѐ може да се случи. Секој меч мора да се одигра, не се победува лесно и ако има очигледна разлика. Затоа мислам дека во плај - оф нема фаворит. Не мислам дека натпреварот ќе биде брзо решен. Македонија добро се брани, има добри технички квалитети и плус победи против  Германија. Затоа треба да сме смирени и да го следиме нашиот пат, да ја играме нашата игра. Македонија нема да ни даде многу простор за игра, затоашто знае добро да се брани. Затоа барам да сме трпеливи. Ќе треба да бидеме фокусирани на тоа што треба да го направиме. Италија знае да игра фудбал и ќе треба да мислиме само на теренот и на ништо друго. Овие момци се познаваат меѓусебе и знаат што треба да направат. Сепак тие се европски шампиони“, изјави италијанскиот селектор, Роберто Манчини на прес конференцијата пред утрешниот натпревар.