Воен конфликт

Зеленски преку видео-врска се обрати на вонредниот НАТО самит

24.03.2022 14:47

Еден месец од почетокот на воената инвазија во Украина. Руската војска продолжува со жестоките гранатирања. Мариупол срамнет со земја. Претседателот Зеленски преку видео-врска се обрати на вонредниот НАТО самит. Побара од лидерите да ја зголемат воената поддршка за Украина.

Украинскиот лидер Володимир Зеленски повика на солидарност, еден месец од почетокот на руската инвазија која предизвика 3,6 милиони бегалци да ја напуштат земјата.

Предупреди дека ќе обрне внимание на самитите во Европа каде што се планира зајакнување на санкциите, иако ограничувањата на енергијата можат да предизвикаат скептичност кај некои земји. Ги повика лидерите на НАТО да му достават на Киев „воена помош без ограничувања.“

„Единственото нешто што го барам од вас по еден месец војна, а ова е барање за доброто на вашите војници, ве молам повеќе не кажувајте дека нашата армија не одговара на стандардите на НАТО. Покажавме за што сме способни, колку можеме да придонесеме за општата безбедност во Европа, во светот, колку можеме да направиме за да го заштитиме од агресија сето она што го цениме, што вие го цените. Но, НАТО сè уште треба да покаже што може да направи Алијансата за да ги спаси луѓето, да покаже дека е навистина најмоќното одбранбено здружение во светот“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Москва очекува дека Советот за безбедност на Обединетите нации да ја ублажи хуманитарната криза.

„Гледаме дека ОН и колегите од западот прават сè за да ги политизираат хуманитарните прашања што е можно повеќе, и да им дадат антируски карактер. Ние сакаме да ги решаваме проблемите кои се собираат во Украина за да се отстранат препреките во цивилната евакуација и доставата на хуманитарна помош“, изјави министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров.

Според шефот на европската дипломатија, Украина е подготвена да преговара.

Русија соопшти дека ја добила контролата врз градот Изум во областа Харков во источна Украина. Меѓудругото руските власти соопштија дека продолжуваат мисиите на специјалната воена операција.

Во вториот по големина град во Доњецката област, Мариупол, украинци во ред чекаат за храна и други потреби. Обидите да се создадат хуманитарни коридори и да се договорат за привремени прекини на огнот кои ќе им овозможат на украинците да го напуштат Мариупол пропаднаа, а дел од помошта и резервите пристигнаа вчера во делови на градот.

Марина Ристова