Меркел со нови санкции до Москва

05.04.2014 20:44

Меркел изрази жалење поради случувањата во Украина и поради тоа што во време на се поинтензивна соработска со Русија победило едно мислење на територијални претензии и тоа само затоа што „луѓето од Украина сакаа договор со Европа“...

Германскиот канцелар Ангела Меркел денеска, на европскиот конгрес на нејзината Христијанско-демократска унија во Берлин ја предупреди Москва на можноста од нови економски санкции, доколку ситуацијата со Украина и натаму ескалира.
 
„Доколку и натаму се напаѓа територијалниот интегритет на Украина, тогаш ќе мораме да наложиме воведување економски санкции“, рече Меркел и предупреди дека не треба да има сомнение дека Европјаните колку и да се различни, ќе донесат заедничка одлука.
 
Меркел изрази жалење поради случувањата во Украина и поради тоа што во време на се поинтензивна соработска со Русија победило едно мислење на територијални претензии и тоа само затоа што „луѓето од Украина сакаа договор со Европа“.
 
Таа рече дека сепак, без оглед на се, дипломатските напори не смеат да престанат и потенцираше дека таа лично секојдневно се залага за разговори со Русија.
 
Меркел истакна дека правото на посилниот не смее да стои над правото.