ЕБОР: Закрепнувањето на економијата загрозено од случувањата во Украина
Закрепнувањето на глобалната економија е загрозено од случувањата во Украина, смета Европската банка за обнова и развој. Според нив, тоа ја зголемува несигурноста во снабдувањето со енергија и суровини. Засега, состојбата со инфлацијата во Македонија е под контрола, а Владата и Народната банка соодветно реагираат, велат од ЕБОР, презентирајќи го извештајот за транзиција за 2022-ра…

Европската банка за обнова и развој од Лондон смета дека закрепнувањето на глобалната економија е загрозено од последните случувања во Украина што ја зголемува несигурноста во снабдувањето со енергија и со суровини. Сепак најголем проблем останува неизвесноста што ја подгрева инфлацијата која расте не само во регионот и ЕУ, туку стана глобален предизвик, вели главниот регионален економист на ЕБОР, Ана Крешиќ. Според нејзина оценка Македонија засега добро се справува со предизвикот, а инфлацијата е под контрола.
„Инфлацијата во регионот и во земјата е исто така покачена и таа расте од минатата година и се чини дека ќе продолжи да расте и оваа година. Ова не е нешто карактеристично за С. Македонија туку е нешто со кое се соочуваат сите земји во светот во моментот. Се разбира дека тоа е поради големата непостојаност на цените на стоките и на електричната енергија, но пред сè заради големата несигурност секаде во светот. Меѓутоа сакаме да аплаудираме на одговорот на властите и на Централната банка во Македонија бидејќи сметаме дека инфлацијата е под контрола овде“, вели Ана Крешиќ, главен регионален економист на ЕБОР за Западен Балкан.
Во време на глобална пандемија процесот на дигитализација бележи голем раст бидејќи голем дел од економиите во многу земји работеа „онлајн“, а овој процес ќе продолжи и ќе остане во фокусот при формирање на развојот во светот, изјави Крешиќ презентирајќи го извештајот за транзицијата.
Говорејќи на презентацијата на извештајот, гувернерката на Централната банка, Анита Ангеловска-Бежоска нагласи дека напорите треба да бидат насочени кон подготвување посоодветна дигитална инфраструктура,како и зголемувањето на дигиталните вештини.
Колку се пониски дигиталните вештини, толку потешко ќе биде користењето нови технологии и ќе имаме полимитирани изгледи на раст, вели Бежоска. Гувернерката не ја коментираше одлуката на Русија нафтата и природниот гас во иднина земјите да ги плаќаат исклучиво во рубљи, наместо во долари и евра како досега.
Свето Николовски
