НАТО сојузниците обединети во поддршката за Украина
Премиерот Ковачевски ја предводеше македонската делегација на собирот на Алијансата. Посочи дека земјава е целосно усогласена со позициите на меѓународните партнери, сојузниците се обединети во поддршката за Украина, а мирното решение е единствен начин за излез од кризата. Лидерите на земјите-членки на НАТО побараа Путин веднаш да ја запре инвазијата, за која сметаат дека е неиспровоцирана и неоправдана. Алијансата го зацврстува источното крило, на Украина ќе ѝ даде дронови и проектили. Генералниот секретар Столтенберг оцени дека Русија направила голема грешка кога ја нападна Украина, и посочи сè додека членките на алијансата се држат заедно, ќе бидат безбедни…
Земјава како членка на НАТО се придружи кон повиците до Русија веднаш да ја прекине воената акција во Украина и да ги повлече силите. Премиерот Ковачевски, кој ја предводеше македонската делегација на вонредниот самит на НАТО рече дека алијансата и унијата се обединети во одговорот на воената агресија и поддршката за Киев. Тој на самитот потенцирал дека внимателно се идентификуваат и се следат агресивните активности на Русија на Западниот Балкан, коишто имаат за цел да го поткопаат угледот и довербата во НАТО и ЕУ и да предизвикаат безбедносна криза.
„Денес сме сведоци пред голем предизвик за Европа и за целиот свет. Бевме убедени дека мирот во Европа никогаш нема да биде прекинат со ваквата агресија на Руската Федерација кон Украина. Тоа претставува невидено кршење на суверенитетот и територијалниот интегритет на една независна држава. Ова предизвикува бегалска криза. Денес сите сојузници на НАТО се обединети и ќе ја дадеме нашата поддршка за народот на Украина. Ќе останеме обединети и Северна Македонија како земја-членка на НАТО веќе ја усогласи својата надворешна политика со ЕУ и ги донесовме сите одлуки со земјите членки на НАТО и на ЕУ“, нагласи премиерот Ковачевски.
НАТО ќе испрати дополнителни сили во Словачка, Унгарија, Романија и Бугарија, за да го засили источното крило на Алијансата. Нема да воведе зона забранета за летање и да испрати мировни сили во Украина за да се избегне директен конфликт со Русија, но на земјата ќе ѝ даде дронови и проектили.
„НАТО се согласи дека е потребно и мора да дава понатамошна поддршка на Украина. Ќе продолжиме со санкции против Русија што скапо ја чинат и ќе ги засилиме одвраќањето и одбраната на алијансата. Лидерите одобрија дополнителни четири борбени групи во Унгарија, Словачка, Романија и Бугарија, па сега има осум борбени групи во Европа од Балтичкото до Црното Море“, нагласи генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Сојузниците одлучија да ја засилат воената, медицинската и хуманитарната помош за Украина и да испратат средства за откривање и одбрана од сајбер напади, хемиско, биолошко и нуклеарно оружје. Сојузниците ја потврдија политиката на отворени врати за поддршка за партнерите Грузија и Босна и Херцеговина. НАТО со порака и до Кина да ја осуди руската агресија на Украина и да не дејствува како поддржувач на Москва.
Ирина Гелевска
