НБА кошарка

Шеста победа по ред за Феникс, уште една за гарантирано прво место

24.03.2022 16:44

Шестата победа во низа беше 59. за Феникс и му недостасува само една до математичка гаранција на првото место во Западната конференција.

Во ноќ со 11 натпревари во НБА-лигата најдобриот оваа сезона, Феникс, не дозволи да запре победничката серија дури ни на патувањето во Минеаполис, па славеше над Тимбервулвс со 125-116. Деандре Ејтон и Девин Букер уште еднаш се покажаа како одличен тандем, првиот со 35 поени и 14 скока, вториот со 28 коша. Шестата победа во низа беше 59. за Феникс и му недостасува само една до математичка гаранција на првото место во Западната конференција.

Ќе ја имаше уште синоќа, ако Мемфис не славеше против Бруклин, со 132-120 и тоа без првата ѕвезда Џа Морант, потсетувајќи го противникот дека кошарката е тимски спорт, а не мерење на поединци. Бадијала Кевин Дурент и Кајри Ирвинг нижеа кошеви, првиот 35 плус 11 скока, вториот дури 43, кога немаа поддршка од тимот. Кај Мемфис тројца постигнаа над 20 поени, Бејн, Мелтон и Брукс, а уште четворица беа двоцифрени.

Со 50. победа, Мемфис го сочува второто место, додека Голден стејт заостанува со два пораза повеќе и два триумфа помалку. Синоќа славеше на тешкото гостување во Мајами со 118-104 и понатаму без Стеф Кари во своите редови. Уште една ноќ за заборав имаа Лос Анџелес лејкерс, овој пат поразени од Филаделфија на домашен терен со 121-126. Не играа ни Леброн Џејмс ни Ентони Дејвис, па Жоел Ембид од гостинскиот табор ја искористи шансата да биде играч на мечот со 30 поени и десет скока.

 

НА ОСТАНАТИТЕ НАТПРЕВАРИ:

Шарлот - Њујорк 106-121

Детроит - Атланта 122-101

Индијана - Сакраменто 109-110

Бостон - Јута 125-97

Оклахома - Орландо 118-102

Далас - Хјустон 110-91

Портланд - Сан Антонио 96-133