Свет

Европа го зголемува притисокот врз Москва

24.03.2022 19:24

Разгорување на фронтот во Украина и серија клучни самити во Брисел на крајот од првиот месец од руско-украинскиот конфликт. Наместо со дипломатски прогрес и мировно решение, двете страни продолжуваат да се фалат со воени успеси...

Разгорување на фронтот во Украина и серија клучни самити во Брисел на крајот од првиот месец од руско-украинскиот конфликт. Наместо со дипломатски прогрес и мировно решение, двете страни продолжуваат да се фалат со воени успеси. Украинската морнарица соопшти дека уништила голем десантен брод кај Бердјанск. Руските медиуми известуваат за преземање на контролата врз градот Изјум. Украинскиот претседател Зеленски со повик до НАТО.

„Никогаш веќе да не ни кажете дека нашата војска не ги исполнува стандардите на НАТО. Покажавме за што сме способни, и колку можеме да придонесеме за безбедноста на Европа и светот. НАТО треба да покаже што може сојузот да стори за да го спаси народот, да покаже дека е навистина најмоќниот воен сојуз во светот. Потребен ни е мир веднаш. Одговорите се кај вас“, рече украинскиот претседател Зеленски.

Москва очекува од Советот за безбедност на Обединетите нации да ја ублажи хуманитарната криза.

„Гледаме дека ОН и колегите од Западот прават сè за да ги политизираат хуманитарните прашања што е можно повеќе, и да им дадат антируски карактер. Ние сакаме да ги решаваме проблемите кои се собираат во Украина за да се отстранат препреките во цивилната евакуација и доставата на хуманитарна помош“, изјави шефот на руската дипломатија, Лавров.

Европа го зголемува притисокот врз Москва.

„Денеска Брисел е центарот на светот. Лидерите на ЕУ, САД, Обединетото Кралство, но и Канада и Јапонија се овде. Нашите врски се посилни од кога било. Решивме да ја зголемиме поддршката за Украина, да ги заостриме санкциите за Русија и да се ослободиме од руските фосилни горива“, изјави претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен.

Велика Британија воведе санкции за уште 65 руски поединци и организации, вклучувајќи олигарси, банки и компании за одбрана. Над 300 членови на руската Дума и над 40 руски компании казнети и од САД.

Маја С. Филдишев