Украина

Не запираат нападите на руската армија

25.03.2022 10:25

Измина месец од руската инвазија врз Украина. Борбите продолжуваат. Западот ги зајакнува санкциите. Зеленски повика на протести против агресијата од Москва. Побара помош во оружје од запад, и оцени дека во изминативе 30 дена донеле мрак и деструктивност. Русија соопшти дека целосно ја презела контролата врз градот Изјум, на истокот од земјата. Се проценува дека војната досега создаде над 3,6 милиони бегалци…

Не запираат гранатирањата и нападите на руската армија во повеќе украински градови. На Мариупол му се заканува хуманитарна катастрофа. Во градот кој неколку недели е под руска опсада, жителите се соочуваат глад, има недостиг на вода и лекови. Се гранатира и во украинската престолнина Киев. Украинскиот претседател откако се обрати на вонредниот самит на НАТО и побара од шефовите на влади на земјите-членки поголема воена поддршка, со порака и до европските лидери. Им се заблагодари за поддршката со санкции кон Русија, но истакна дека тие се задоцнети. Ги повика да не доцнат и со приемот на Украина во Европската унија.

„Благодарни сме за применетите санкции, ова се моќни чекори, но малку е доцна. Доколку превентивно се воведоа санкциите, Русија немаше да војува. Иако никој не можеше да не знае со сигурност, барем имаше некаква шанса за запирање. Го блокиравте Северен тек 2, благодарни сме ви за тоа, но малку задоцнето, бидејќи ако навреме ја запревте Русија, немаше да се создаде гасна криза“, рече Зеленски.

Стравотни слики доаѓаат и од градот Ирпин. Овој град се кој се наоѓа недалеку од Киев стана клучен во битката за главниот град. Украинските сили велат дека ги туркаат руските војници од областа Ирпин. Но, како што русите се повлекуваат, нивното гранатирање на градот станува се посилно. Меѓу војниците е и поранешниот британски војник Шејн Метјус кој го брани Ирпин во улога на снајперист и болничар. Вели дека ова е најлошата ситуација што ја доживеал.

„Видов многу убиени цивили. Пред 10 дена бевме сведоци дека автомобил со четири лица беше разнесен на парчиња, тоа беше целото семејство кое требаше да биде евакуирано од градот, директно беше погоден од артилериски оган, беа распарчени“, вели Метјус.

„Русите немаат борбена моќ, нашите луѓе ги уништуваат нивните резерви, а во Киев тие ќе наидат на вооружени граѓани кои пукаат од секој прозорец и врата“, додава украинскиот командант Олег.

Од почетокот на руската инвазија убиени се 135 деца, околу 200 се ранети, соопшти украинското обвинителство. Обединетите нации јавуваат за исчезни цивили во областите што се под руска контрола. Се продлабочува и бегалската криза. Милиони украинци ги напуштија своите домови, дел од нив се внатрешно раселени.

Маја Стојанова