Воен конфликт

Русија тврди дека ја уништила најголемата нафтена база на вооружените сили на Украина

25.03.2022 13:07

Русија и Украина договориле цивилите да го напуштат разурнатиот Мариупол. Украинскиот претседател Зеленски побара поголема воена поддршка. Продолжуваат нападите и гранатирањето на руската армија на повеќе градови во Украина. Русија тврди дека ја уништила последната голема украинска нафтена база во Киев.

Нов обид да се избегне хуманитарна катастрофа во градот под руска опсада Мариупол. Договорено е цивилите да го напуштат градот со сопствени возила, соопшти украинската вицепремиерка Верешчук. Зелен коридор има и во Мелипотол. Претседателот Зеленски откако се обрати на Вонредниот самит на НАТО и побара поголема воена поддршка, со порака и до европските лидери. Им се заблагодари за воведените санкции кон Русија, но истакна дека тие се задоцнети. Ги повика лидерите да не доцнат и со приемот на Украина во Европската унија.

„Благодарни сме за применетите санкции, ова се моќни чекори, но малку е доцна. Доколку превентивно се воведоа снкциите, Русија немаше да војува. Иако никој не можеше да не знае со сигурност, барем имаше некаква шанса за запирање. Го блокиравте Северен тек 2, благодарни сме ви за тоа, но малку задоцнето, бидејќи ако навреме ја запревте Русија, немаше да се создаде гасна криза“, изјави претседателот на Украина Володимир Зеленски.

Не запираат гранатирањата и нападите на руската армија и во другите украински градови. Страотни слики доаѓаат и од Ирпин. Градот кој се наоѓа во близина на Киев, стана клучен во битката за украинската престолнина. Додека русите се повлекуваат од Ирпин, нивното гранатирање на градот станува се посилно, велат украинските сили. Меѓу војниците е и поранешниот британски војник Шејн Метјус. Сведочи дека ова е најлошата ситуација што ја доживеал.

„Видов многу убиени цивили. Пред 10 дена бевме сведоци дека автомобил со 4 лица беше разнесен на парчиња, тоа беше цело семејство кое требаше да биде евакуирано од градот, директно беше погоден од артилериски оган, беа распарчени“, рече Шејн Метјус поранешен војник на британската армија.

„Русите немаат борбена моќ, нашите луѓе ги уништуваат нивните залихи, а во Киев тие ќе наидат на вооружени граѓани кои пукаат од секој прозорец и врата“, рече украинскиот командант Олег.

Руските сили, пак, ја уништиле последната голема украинска нафтена база во предградие на Киев, како и центар за обука на странски платеници.

„Ноќта на 24 март, крстосувачки ракети „калибар“ со голема прецизност ја погодија нафтената база во населбата Калиновка кај Киев. Уништена е најголемата нафтена бази на вооружените сили на Украина, од кои воената единица во централниот дел на земјата се снабдувала со гориво“, изјави Игор Конашенков – портпаролот на министерството за одбрана.

Од почетокот на руската инвазија убиени се 135 деца, околу 200 се ранети, соопшти украинското обвинителство. Обединетите нации јавуваат за исчезни цивили во областите што се под руска контрола. Се продлабочува и бегалската криза. Милиони украинци ги напуштија своите домови, дел од нив се внатрешно раселени. 

Маја Стојанова