Македонија

Ковачевски: Секое одлагање на приемот го зголемува евроскептицизмот

25.03.2022 13:22

Премиерот Ковачевски не лицитира со датуми за одржување на меѓувладината конференција за старт на преговорите со ЕУ. Во интервјуто за МИА предупредува-секое одлагање на приемот го зголемува евроскептицизмот во земјава. НАТО ја притиска Русија економски, воен судир би значел конфликт од невидени размери, заклучок од Вонредниот самит во Брисел.

Премиерот Ковачевски не сака да лицитира со датуми и никогаш не го споменал јуни како можност за одржување на меѓувладината конференција за старт на преговорите на Македонија со ЕУ. Во интервју за МИА, вели дека засега нема документ којшто е усогласен со Бугарија, но кога тоа ќе се случи, ќе биде разгледан со релевантните институции во државата и презентиран пред јавноста. Ковачевски предупредува-секое одлагање на приемот во ЕУ го зголемува скептицизмот во земјата, а тоа им остава простор на актери блиски до режимот на Владимир Путин. Шефот на владата додава дека има и трети држави коишто не сакаат да ја видат Македонија како дел од Унијата и коишто финансираат различни групи, па и политички партии.

„Постојат и трети држави коишто не сакаат да ја видат Република Северна Македонија како дел од ЕУ и коишто финансираат различни групи па и политички партии. Ние имаме политички партии со антиевропска и анти-НАТО определба. Само такво решение може да претставува добра основа за прво, отпочнување на преговорите и второ, градење на меѓусебна доверба на две соседни држави коишто треба во светот да претставуваат пример за економска и секаков вид на соработка за напредување на стандардот на граѓаните. Треба да имаме решение кое се заснова прво на европските вредности, а второ до коешто ќе се дојде низ комуникација, а засновано на принцип на меѓусебна почит, прво помеѓу политичарите, второ помеѓу институциите во двете држави и трето на зачувување на достоинството на граѓаните на двете држави. Само такво решение може да претставува добра основа за прво отпочнување на преговорите и второ градење на меѓусебна доверба на две соседни држави.“, вели премиерот Ковачевски.

НАТО ќе продолжи да ја поддржува Украина, но затворање на небото, како што бара Киев, е незамисливо, бидејќи тоа би довело до војна од невидени размери, вели шефот на владата.

„Ние мораме да се определиме дали сакаме да поддржиме или да бидеме неми и неутрални на воена агресија што се случува врз независна држава, Украина, од страна на Русија, или сакаме да бидеме на вистинската страна на историјата бидејќи македонскиот народ секогаш бил на вистинската страна на историјата во секоја војна што е водена и тоа без исклучок секогаш сме биле на вистинската страна на историјата“, нагласува Ковачевски.

На вонредниот самит на НАТО, Ковачевски ги информирал земјите членки дека до 2024 ќе го постигнеме потребното издвојување од два насто за воениот буџет и дека нема да се оди над таа рамка. Говорејќи за економската состојба во земјава, Премиерот појасни дека Владата низ социјалниот дијалог ги сервисира потребите на граѓаните, но мора да води сметка и за усогласување на фискалната и монетарната политика.

Милчо Велески