Свет

ЕУ и САД склучија договор, Америка ќе ја снабдува Европа со гас

25.03.2022 13:39

Во Брисел Фон дер Лајен и Бајден договорија до 2030-та Европската унија да ја надмине целосно зависноста од снабдување со руски природен гас. Дотогаш САД ќе им помагаат на европските партнери и ќе го покриваат кусокот од природен гас.

Америка ќе ја снабдува Европа со течен гас. Ова е договорено на средбата на американскиот претседател Џо Бајден со претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен во Брисел. Заедничка работна група ќе подготви план за снабдување на Европа со течен гас од САД до 2030-та година, со што ќе се елиминира зависноста од руски енергенси.

„И помагаме на Европа да ја намали зависноста од руски гас што е можно побрзо. Помагаме и за целосно намалување на европската зависност од гас. САД заедно со своите меѓународни партнери ќе работат да обезбедат 15 милијарди кубни метри течен нафтен гас за Европа оваа година. Како што Европа ќе се откажува од купување на руски гас до 2030-та, ќе работи на зголемување на побарувачката од САД на 15 милијарди течен гас годишно“, изјави американскиот претседател Џозеф Бајден.

ЕУ ќе работи со земјите членки на изградба на инфраструктура за прием на течен гас и за негово порационално користење. Американскиот течен гас ќе го покрие недостигот од рускиот.

„Американската поддршка ќе овозможи зацврстување на европската енергетска безбедност и независност од руските фосилни горива. Имаме за цел да ја намалиме и целосно укинеме зависноста од Русија. Ова може да се оствари со вложување во обновливи извори на енергија и набавка на дополнителни енергенси како оваа од САД. Како европејци сакаме целосно да се оддалечиме од Русија и да се доближиме кон снабдувачи на кои целосно им веруваме“, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

САД и ЕУ се согласиле паралелно да работат на вложување во обновливи чисти извори на енергија за да го намалат загадувањето на околината, примена на нови технологии за снабдување со топлинска енергија, напуштање на фосилните горива со примена на еколошки чист хидроген. Европа и САД се договориле и за заштита на дигиталните податоци на граѓаните.

Ирина Гелевска