Евроинтеграции

Војната во Украина - повик за будење на ЕУ

25.03.2022 13:56

Војната во Украина е повик Унијата да биде порешителна во процесот на проширување. Во Македонија и власта и опозицијата имаат јасна позиција за европската припадност вели пратеникот Милошовски. Во пристапниот процес нема место за идентитетските и историски прашања-став на дел од челниците во европските институции.

Војната во Украина е повик за будење на ЕУ за поголема решителност за процесот на проширување. Тоа е повик и за земјите од западен Балкан навистина да изберат дали се на страната на ЕУ или на Русија, рече во своето обраќање директорката за земјите од западен Балкан при министерството за надворешни работи на Германија, Сузане Шуц. Безбедносната структура изградена по студената војна, па дури и регулативата за човековите права на која што се согласивме по втората светска војна се уништуваат во моментов и ние мораме да го браниме тоа, но исто така да го браниме и регионов, додаде Шуц.

„Ова е повик за будење и за ЕУ за да продолжи порешително со проширувањето. Но, исто така, ова е момент за земјите од западен Балкан да продолжат со реформите, но и навистина да изберат на која страна се. Дали сте за ЕУ или сте за Русија, дали сте против ЕУ? Ова е прашање по кое секоја земја мора да одлучи цврсто, како и секој поединец. И сите земји кандидати мора да бидат цврсто со ЕУ, бидејќи во светло на војната не може да има неутралност“, рече Сузане Шуц.

Дел од учесниците предупредија – постојат фактори кои создаваат нерационални спорови во 21 век како оние кои се однесуваат на идентитетските прашања. Вон европските вредности е да се докажува дали можеби чешкиот јазик е словачки, холандскиот е германски или македонскиот е бугарски.таквите, несомнено играат со трети страни, велат. Во Македонија и власта и опозицијата се со јасна позиција и во однос на ЕУ припадноста и за односот Украина и Русија, вели пратеникот на ВМРО - ДПМНЕ, Милошоски.

Во пристапниот процес на ЕУ нема место за историски и идентитетски прашања, категорична е директорка за европска политика Сабине Штер посочувајќи ја бугарската блокада на македонските евроинтеграции.

На дебатата беа отворени низа прашања во однос на безбедноста и унапредување на одбранбените системи на земјите членки на ЕУ и земјите кандидатки од регионов.

Фиљана Кока