Скопје

Арсовска: Активностите поврзани со мостот „Генерал Михајло Апостолски“ ќе бидат завршени до 10-ти април годинава

25.03.2022 14:17

Жителите во овој дел од градот велат дека чекаат повеќе од 10 години да се реализира овој проект, кој во значителна мерка ќе им го олесни движењето...

Сите активности поврзани со мостот „Генерал Михајло Апостолски“ ќе бидат завршени до 10-ти април годинава најави градоначалничката Данела Арсовска – демантирајќи дека почнатите проекти од нејзиниот претходник се ставени адакта. Сепак овој мост уште некое време нема да биде ставен во функција.

Трасата која треба да ги поврзе општина Аеродром со општините Центар и Гази Баба како што може да се забележи поминува низ приватни дворови. Градоначалничката Арсовска се надева дека експропријацијата на земјиштето ќе биде завршена во најскоро време.

Станува збор за 139 парцели и 136 објекти коишто треба да се решат или вкупно 275 постапки за експропријација.

„За три години претходното раководство успеало да разреши 31 предмет, а со осум предмети успеале да влезат во процес на спор. Ние само за 4 месеци успеавме да разрешиме 82 предмети“, изјави градоначалничката Данела Арсовска.

Жителите во овој дел од градот велат дека чекаат повеќе од 10 години да се реализира овој проект, кој во значителна мерка ќе им го олесни движењето.

Според Арсовска досега се завршени градежните активности поврзани со асфалтирање на мостот и улицата, извршено е затегнување на кабли, поставени се осветлување и постаменти за канделабри, заштитна и еластична ограда на мостот, а решен е и проблемот со регулацијата на речното корито.

Марина Т. Стојанова