Детската амбасада „Меѓаши“ ја поддржува петицијата за здрав живот во Кочани
Детската амбасада „Меѓаши“ дава целосна поддршка на граѓанската иницијатива против аерозагадувањето во Кочани и ја осудува злоупотребата на децата во промоција на компании кои ја загадуваат животната средина. Од Комитетот за правата на децата во УНЕСКО се очекуваат препораки кои ќе бидат обврзувачки за државата и со кои ќе се подобри еко-сферата.

Решение за долгогодишниот проблем со загадениот воздух во Кочани се бара кај домашните, но и кај странските институции и амбасади. За таа цел се собираат потписи за поддршка од граѓаните. Први на удар на аерозагадувањето се децата. Но деновиве децата во Кочани се злоупотребени и од страна на фабриката за хартија – најголемиот загадувач, реагираат граѓанските здруженија, со тоа што беа вклучени во еко акција која ја финансираше „Пејпер мил“. Со свој став излезе и Детската амбасада „Меѓаши“
Граѓанската иницијатива „За здрав живот во Кочани“ упати обвинувања и до локалната самоуправа за промовирање на „Пејпер мил“ како општествено одговорна компанија.
Градоначалникот Љупчо Папазов за македонската телевизија кажа дека во целост ги поддржува иницијативите за решавање на проблемот со загадувањето во Кочани, но надлежностите ги има Министерството и инспекторатот за животна средина. Но независно од тоа, секоја донација за поздрава средина локалната власт ја поздравува, па и оваа од „Пејпер мил“ со која се пошумија четири хектари кои минатата година беа зафатени од пожар.
Славица Величковска
