Охридско лето- со поголем буџет до поквалитетна програма
Буџетот на фестивалот „Oхридско лето“ во споредба со изминатите две години е поголем за повеќе од една третина. Тоа ќе овозможи да се реализира поквалитетна програма и фестивалски вечери исполнети со висока уметност од врвни светски и домашни уметници. Повторно се очекува спектакуларно отворање и четириесет денови проткаени со прекрасни музички и театарски доживувања, но имињата на уметниците сè уште се чуваат во тајност. Како и секогаш програмата ќе биде обелоденета на крајот на мај.

На летните сцени во Охрид и во катедралната црква Света Софија во текот на годинешното 62 издание на Фестивалот „Охридско лето“ ќе продефилираат околу 1.000 врвни уметници од земјава и светот. За реализација на програмата министерството за култура издвои 32 милиони денари што е значително повисока сума во споредба со изминатите две години и ветува дека во текот на 40-те фестивалски вечери во рамки на кои ќе има над 50 настани публиката ќе може да види врвни музички и театарски остварувања.
„Музичкиот дел во Охридско лето е 70 проценти од програмата, а драмскиот дел е 30 проценти од програмата. Навистина оваа година верувам и сум сигурна дека публиката ќе биде многу изненадена од изборот на уметниците коишто ќе настапат на концертите во музичкиот дел а исто така и во драмскиот дел“, изјави Наташа Поповиќ-директор на Фестивалот „Охридско лето“.
И покрај сите предизвици со кои се соочи оваа наша најзначајна музичко-сценска манифестација во изминатите две пандемски години со реализацијата на програмата потврди зошто е една од најуспешните македонски приказни во областа на културата.
„Мојата интенција е секоја година да биде подобра од претходната. Исто така и минатата година и во 2020-тата година кога бевме соочени со пандемијата Корона-19 Охридско лето ја реализира целата програма и мислам дека бевме единствена национална установа што ја реализиравме цела програма заради тоа што се одвива во летниот период па имавме можност и на отворените сцени сето тоа да го направиме“, изјави Наташа Поповиќ-директор на Фестивалот „Охридско лето“.
Уметничката програма за Охридско лето 2022-ра е веќе затворена, но имињата на уметниците и театарските куќи кои ќе дојдат во Охрид нема да се објавуваат до потпишувањето на договорите. Според најавите тоа најдоцна ќе се случи до крајот на мај.
Сашо Нелоски
