Туризам

Македонските туристички потенцијали презентирани на Белградскиот саем за туризам

25.03.2022 16:46

Покрај природните убавини, Скопје и Охрид, националните паркови, гастрономијата и винските тури, на српските туристи годинава им се нудат и туристичките потенцијали долж патниот правец Е-75...

По едногодишна пауза поради корона епидемијата, годинава во Белград се одржува 43-от Меѓународен саем на туризмот каде во организација на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, заедно со агенциите и ХОТАМ, презентирани се македонските туристички потенцијали.

„Годинава на Белградскиот саем за туризам е најбројна македонска делегација од туристичкиот сектор. Минатата година бројот на српските туристи во Северна Македонија беше најголем и се надевам дека 2022 година многу повеќе регионално ќе бидеме застапени. Всушност Отворениот Балкан ги покажува своите први ефекти, пред сè кога говориме околу туристичкиот сектор. Се надевам дека 2022 година ќе имаме уште поголем број туристи што ќе нè посетат, бидејќи целта за оваа година ни е 2, 5 милиони ноќевања и поголем број на странски туристи за 20 до 25 отсто, што ќе нè посетат“, изјави Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Покрај природните убавини, Скопје и Охрид, националните паркови, гастрономијата и винските тури, на српските туристи годинава им се нудат и туристичките потенцијали долж патниот правец Е-75, каде од градоначалниците на Дојран, Демир Капија и Гевгелија се одржа презентација на богатата понуда што ја имаат овие општини. Се презентираа и понудите за планинарскиот авантуризам и велосипедизам, можностите за водените спортови, меѓу кои и нуркањето во Охридското езеро.

Паралелно во Белград се одржа традиционалната Охридска вечер во организација на ХОТАМ и за прв пат Дојранска туристичка вечер.

Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ