Македонија

Ќе се менува надоместокот за приватизација на државно градежно земјиште

25.03.2022 17:07

Со ревидирањето на цените согласно Уредба, ќе се изврши прилагодување и поставување на соодветни цени преку кои УИПР ќе го спроведува процесот на приватизација.

Во тек е подготовка на правни решенија со кои ќе се променат надоместоците за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост, кое се спроведува од страна на Управата за имотно правни работи (УИПР). Станува збор за приватизација на државно земјиште само во услови каде е стекнато корисничко право. Со ревидирањето на цените согласно Уредба, ќе се изврши прилагодување и поставување на соодветни цени преку кои УИПР ќе го спроведува процесот на приватизација.

Постапките по овој закон самостојно ги спроведува Управата за имотно правни работи. Приватизацијата на градежно земјиште во државна сопственост се врши согласно Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, донесен во 2005 година, а висината на надоместокот за приватизацијата е утврдена согласно Уредбата на Владата од 2011 година.

Од Министерството за финансии велат дека постапките за продажба на градежно земјиште во државна сопственост се разликуваат од постапките за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост, и тие се спроведуваат согласно Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост и се водат пред Управата за имотно правни работи, а додека продажбата на градежно државно земјиште, се врши согласно Законот за градежно земјиште во постапки пред Министерството за транспорт и врски или во општините.