Македонија

Милица Стојанова, Милка Ефтимова и Стојна Вангеловска oдликувани со Орден за заслуги

25.03.2022 17:30

За афирмација на театарот, музиката и спортот, Oрден за заслуги од претседателот Пендаровски за актерката Милица Стојанова, оперската певица Милка Ефтимова и кошаркарката Стојна Вангеловска. Доделени и признанија-повелби...

Претседателот Стево Пендаровски денеска на свечена церемонија ги одликуваше Милица Стојанова, Милка Ефтимова и Стојна Вангеловска со Орден за заслуги за Република Северна Македонија и им додели признание Повелба на Република Северна Македонија на Факултетот за Драмски уметности, на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ и на Националната установа Турски театар.

Пендаровски во своето обраќање на свеченоста, порача дека одликувањата се сатисфакција за посветеноста, за вложениот труд и за ефектите од него, на одликуваните. Но, тие се и нешто повеќе од тоа – тие се аргумент дека пошироката заедница поседува референтни точки врз основа на коишто може да ги гради понатаму своите развојни политики во сите витални општествени сфери. Освен што зборуваат за државните приоритети, одликувањата потврдуваат и дека во општеството постои јасно одбележана патека со критериуми за вреднување, во рамките на хуманите вредносни системи.