Координативен кризен штаб

Усвоен предлогот за укинување на обврската за носење маски во основните училишта

25.03.2022 18:30

Главниот координативен кризен штаб за справување со Ковид-19 на денешната седница одлучи да ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести и на Владата да ѝ предложи измена на одлуката со која учениците во основните училишта да посетуваат настава без маски, освен ако ученикот по сопствена волја не бара да носи заштитна маска...

Главниот координативен кризен штаб за справување со Ковид-19 на денешната седница одлучи да ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести и на Владата да ѝ предложи измена на одлуката со која учениците во основните училишта да посетуваат настава без маски, освен ако ученикот по сопствена волја не бара да носи заштитна маска. За наставниците и останатите вработени во училиштата останува препораката за носење маски.

Кризниот штаб донесе заклучок до Владата да ја достави и препораката за физичко присуство на наставата на факултетите, со силен апел за вакцинација и на студентите и на образовниот кадар.

На оваа своја седница кризниот штаб одлучи да ѝ предложи на Владата да ја измени одлуката за максимална исполнетост на капацитетите во затворен простор од досегашните 50% да се зголеми на 75% со задолжително носење заштитни маски и почитување на останатите протоколи за заштита од ковид.

Прифатен е и заклучокот на Комисијата за заразни болести Владата да го укине делот од протоколот за угостителските објекти со кои се бара сертификат за вакцинација за  отворените простори на локалите, додека за затворените делови останува обврската за задолжително поседување сертификат за вакцинација или за прележаност од Ковид-19.