Македонија

Се чека владина одлука за олабавување на ковид- мерките

26.03.2022 10:05

Главниот координативен кризен штаб за справување со Ковид-19 синоќа одлучи да ги прифати препораките на Комисијата за зазарзни болести за укинување на маските за учениците во основните училишта, физичко присуство на наставата на факултетите, максимална исполнетост на капацитетите во затворен простор...

Главниот координативен кризен штаб за справување со Ковид-19 синоќа одлучи да ги прифати препораките на Комисијата за зазарзни болести за укинување на маските за учениците во основните училишта, физичко присуство на наставата на факултетите, максимална исполнетост на капацитетите во затворен простор од досегашните 50 отсто да се зголеми на 75 отсто, и за укинување на сертификатите за вакцинација во отворените простории на локалите.

На Владата ѝ предложи измена на одлуката со која учениците во основните училишта ќе можат да посетуваат настава без маски, освен ако ученикот по сопствена волја не бара да носи заштитна маска. За наставниците и останатите вработени во училиштата останува препораката за носење маски.

Кризниот штаб донесе заклучок до Владата да ја достави и препораката за физичко присуство на наставата на факултетите, со силен апел за вакцинација и на студентите и на образовниот кадар. На Владата ѝ предложи  и да ја измени одлуката за максимална исполнетост на капацитетите во затворен простор од досегашните 50 отсто да се зголеми на 75 отсто со задолжително носење заштитни маски и почитување на останатите протоколи за заштита од ковид. Исто така и да го укине делот од протоколот за угостителските објекти со кои се бара сертификат за вакцинација за  отворените простори на локалите, а  за затворените делови да остане обврската за задолжително поседување сертификат за вакцинација или за прележаност од Ковид-19.

Во однос на препораката за неносење на маски за учениците министерот за образование Јетон Шаќири вчера порача дека ја прифаќа оваа препорака на Комисијата за заразни болести, но посочи дека конечната одлука очекува да ја донесе Владата на наредната редовна седница во вторник.