Здравство

Зголемен број интервенции на итната помош во Куманово

26.03.2022 11:16

Службата за Итна медицинска помош во Куманово регистрира зголемен број интервенции, кои се должат на температурните разлики. Од оваа здравствена установа велат дека телефонските повици најчесто доаѓаат од хронично болните и повозрасните граѓани. Препорачуваат редовни контроли.

Наглите временски промени ја зголемија работата на итната медицинска помош во Куманово. Оваа здравствена установа регистрира поголем број повици и интервенции. Температурните разлики најмногу им пречат на хронично болните, но и на повозрасните граѓани. На дневно ниво се евидентирани и по 20 посети.

„Доминираат пациентите се опструктивни белодробни болести, хипертензичари, како и болните од канцер. Кај оваа група пациенти постои потребна од посебна нега, како и терапија на болка. Како настапува пролетта и како се менуваат временските услови забележуваме зачестена инциденца на мозочни инсулти. Тоа најчесто се случува како резултат на несоодветно регулирање на крвниот притисок. Кај жените особено се бележат вртоглавици, кои исто така се решава со соодветна терапија“, изјави д-р Милена Станковиќ, лекар во Итна помош Куманово.

И кумановци се согласуваат дека температурните разлики влијаат на нивното здравје. Лекарите укажуваат да се следат препораките на матичните лекари, а особено хронично болните редовно да ја земаат препишаната терапија.

Од Итната помош информираат дека периодов пак бележат помал број интервенции кај ковид болни пациенти, што се должи на подобрата епидемиолошка состојба во градот.

 

Елена Георгиевска