Авиосообраќај

По пауза од 15 години, редовна авиолинија Софија-Скопје

26.03.2022 14:44

По пауза од 15 години, прв комерцијален лет од Софија до Скопје. И официјално означен почетокот на работењето на авиокомпанијата „Гуливер“, на македонскиот пазар. Авионот со капацитет да превезе 70 патници, ќе лета двапати неделно. Во план е и врска со Охрид…

За половина час од Скопје до Софија. Почна да функционира редовната авиолинија со Бугарија. На Меѓународниот аеродром Скопје пречекани првите патници. Компанијата „Гуливер“ ќе лета на релација меѓу главните градови двапати неделно, секоја сабота и понеделник, а во план е и линија до аеродромот во Охрид. Министерот за транспорт најави можност за отворање линии и кон други дестинации.

„Несомнено ова е едно ново поглавје во пријателството помеѓу двете земји, во отворањето на нови можности на две соседни земји, на граѓаните од двете земји. Посебно во едно вакво турбулентно време во Европа и насекаде во светот, така што јас сум навистина задоволен заедно со мојот бугарски колега, заради тоа што сме во постојана комуникација и решаваме навистина важни прашања не само во автосекторот и во останатите, во делот на отворање на нов граничен премин и сите останати прашања коишто не тангираат“, нагласи министерот за транспорт, Благој Бочварски.

Од ТАВ Македонија очекуваат новата авиоконекција да придонесе за дополнителен развој на туризмот, но и да се користи за деловни патувања за продлабочување на бизнис-врските со Бугарија.

По 15 години пауза, комерцијалната авиолинија Скопје – Софија е повторно во функција. Ова беше една од првите работи за коишто се договорија работните групи меѓу Македонија и Бугарија.

Но, авиоврската беше полесниот дел. Патната и железничката инфраструктура се многу покомплицирани. Новиот експресен пат треба да биде готов наредната година, а ќе се проширува и делницата до граница.

„Во текот на 23 година ние целосно, комплетно ќе имаме нова патна врска од Скопје до границата со Бугарија, до Девебаир“, вели Бочварски.

Во делот на железницата, Бочварски очекува годинава да продолжи изградбата на пругата.

Ана Ј. Тодоровска