Дипломатија

Скопје и Софија ги приближуваат ставовите, но се далеку од решение

26.03.2022 13:19

Скопје и Софија ги приближуваат ставовите. Но, двете страни сè уште се далеку од точката за надминување на разликите, информира шефот на дипломатијата. Османи смета дека, и нашата страна и бугарската, ја сфаќаат важноста од потребата за одблокирање на интеграциите, поради новиот геополитички контекст. Тој уверува дека позицијата на земјава останува во рамките на усвоената резолуција во Собранието. Додава – како двете страни ќе се приближуваат до решение, така ќе се зголемуваат провокациите…

Дијалогот со Бугарија сега се води во многу порелаксирана атмосфера – вели министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Тој уверува дека разговорите се движат во рамки на усвоената резолуција во Собранието што значи дека идентитетски прашања не се на маса.

Османи не сакаше да коментира за какви компромиси е подготвена земјава, но рече дека кога за тоа ќе дојде време, ќе бидат консултирани сите политички субјекти и јавноста навреме ќе биде информирана. Според шефот на дипломатијата, колку двете страни ќе бидат поблиску до решение, толку ќе се засилуваат провокациите и обидите за поткопување на процесот.

Поради украинската криза, шефот на дипломатијата очекува ЕУ да покаже стратешко лидерство и земјите од Западен Балкан да бидат третирани како што своевремено во пакет кон ЕУ се приклучија Балтичките држави.

Османи ќе побара проактивност на земјава во однос на бегалците од Украина и да се преземе дел од земјите коишто се преоптоварени.

Марина С. Тонева