МЗТ Скопје Аеродром првопласиран во лигашкиот дел на АБА 2 лигата
Во „балонот“ во Широки во 13-то коло нашиот претставник загуби од тимот на Златибор со 88:84, но го заврши лигашкиот дел на лидерската позиција...

Кошаркарите на МЗТ Скопје со пораз ги завршија натпреварите во АБА 2 лигата. Во „балонот“ во Широки во 13-то коло нашиот претставник загуби од тимот на Златибор со 88:84, но го заврши лигашкиот дел на лидерската позиција. Македонскиот шампион го освои првото место со 23 бода, со 10 постигнати победи и три порази, колку што има и екипата на Хелиос Санс од Домжале.
Сезонава во оваа конкуренција настапи и вториот македонски претставник Пелистер, кој оствари пласман на 11-то место, со 4 победи и 9 загубени натпревари. Првото место во лигата е дополнителен поттик за „штрковите“ од Аеродром, кои ќе бидат домаќини на завршниот турнир на најдобрите 8 екипи, во борба за враќање во најсилното регионално друштво, АБА лигата.
Покрај МЗТ Скопје Аеродром ќе настапат уште Хелиос Санс, Борац Бања Лука, Широки, Спарс Сараево, Младост, Златибор и Сутјеска. Завршниот турнир ќе се одржи во СЦ „Јане Сандански“ од 13 – 17 април.
