Јапонија најуспешна на СП во уметничко лизгање
Јапонија освои 2 шампионски титули, двете во поединечна конкуренција...

Со гала претставата попладнево заврши последниот чин на Светското првенство во уметничко лизгање. Осиромашено како ретко кога, без можност за учество на главните фаворити, лизгачите од Русија. Во такви услови Јапонија беше најуспешна нација, а вкупно пет земји успеаја да се закитат со трофеи во четирите дисциплини.
Јапонија освои 2 шампионски титули, двете во поединечна конкуренција. Шома Уно триумфираше во машка, а Каори Сакамото во женска конкуренција. Во спортски двојки најдобри беа Американците Алексиа Кнерим и Брендон Фрејзер а во танцови двојки триумфира француската комбинација Габриела Пападакис и Гијом Цизерон.
Французите се единствени од победниците во Монпелје, кои претходно во Пекинг ја освоија олимписката титула. Следното СП во уметничко лизгање ќе се одржи во Саитама, Јапонија од 20-26 март 2023 година.
