Чудо или не, цела Македонија сака Мундијал
Чудо, да, во фудбалот чудата се случуваат, ама не така често, сепак ќе има нешто и во квалитетот, во знаењето, во добриот тактички избор...

Македонија на Европско првенство – чудо, Германија – Македонија 0:1-чудо, Македонија во мундијалски плеј – оф – чудо, Италија – Македонија 0:1. Чудо, да, во фудбалот чудата се случуваат, ама не така често, сепак ќе има нешто и во квалитетот, во знаењето, во добриот тактички избор.
И во вторник на „Драгао“, нашата фудбалска репрезентација ќе биде аутсајдер или попрецизно Португалија ќе биде фаворит, но сè што важеше пред дуелот со аѕурите, актуелно е и сега. Колку и Македонија да покажа дека го заслужи успехот и принуди многумина да бидат претпазливи, пак од противникот се очекува да победи. Сега за Португалија би било катастрофа да не игра на Светското првенство годинава, нешто што не и се случило од пропуштениот шампионат во 1998-та, по којшто врза единаесет настапи на големи натпреварувања и ја освои континенталната титула.
Сепак, македонските фудбалери се свесни дека иако против Италија направија многу и за историја, сè уште теоретски не направиле ништо, бидејќи ова е мечот за во вечноста. Не е за титула, ниту за медал, но сепак е финале, а финалињата се играат за да се победат.
„Можеби е ова еден од најтешките натпревари, еден од највозбудливите до сега за сите играчи кои сме тука. Ова се 90 минути за да го исполниме сонот од деца и за сите, за цела нација, за цела држава. Мора да знаеме дека оваа шанса не смееме да ја пропуштиме и ќе изгинеме максимално за да се стигнеме во Катар. Ќе биде многу поразличен меч, бидејќи Португалија е малку поквалитетна од Италија и дека се игра финале. Знаат дека не смеат да не потценат, а јас би сакал да не потценат. Ова е финале и двете репрезентации не делат само 90 минути до пласман на светското првенство“ – изјави Елиф Елмас.
Мотивот и желбата ќе ги анулираат исцрпеноста и потрошеноста по дуелот со европскиот првак, па нашите фудбалери го одработија тактичкиот и последен тренинг во Скопје пред заминувањето за Порто. Ова се натпревари коишто се играат и со „една нога“, сите повреди се „ситни“, па и онаа на Аријан Адеми. Дополнувањето на и онака позитивната атмосфера е и во враќањето на суспендираните, Тихомир Костадинов и на Елиф Елмас. Со нив Македонија ќе биде посилна, опциите на селекторот Благоја Милевски повеќе, што е добредојдено против осмата светска сила, Португалија.
И изборот на португалскиот стратег, Фернандо Сантош е зголемен бидејќи тренираа сите 25-мина, освен ковид – позитивниот, Пепе. Нема симптоми, па се очекува в понеделник со негативен тест да излезе од изолација. Во конкуренција се враќаат „пожолтените“, Жоао Кансело и Ренато Санчез. Дека Португалците учат на искуството на Италијанците се препознава во зборовите на Жоао Мутињо кој вели дека не играат имињата и статистиката, очекува тежок меч во којшто Португалија треба да биде трпелива при поседот на топката бидејќи Македонија игра добра одбрана и има опасен контранапад.
Разбирливо, ваков голем и важен натпревар ќе го суди елитен арбитар. Добар знак, судбина или не, ама тоа ќе биде Англичанецот Ентони Тејлор чијшто последен свиреж во Тбилиси го официјализираше македонското учество на Европскиот шампионат.
