Земјоделство

Идеални временски услови за земјоделството

28.03.2022 08:20

Пролетта дојде, природата се буди, земјоделците излегоа на нивите. Почнуваат работите на отворено. Агрометеоролозите најавуваат идеални временски услови. Ниски температури со мразови треба да бидат последни за овој период, затоа што просечните датуми за нивната појава се поминати.

Во изминатите денови, вистинските пролетни услови за кратко време ја разбудија вегетацијата особено кај коскестите видови овошките, каде што се забележани сите фази на цветањето, од првата до последната.

Ваквото време се очекува да продолжи и во оваа седмица, со мала промена во текот на денешниот ден, кога се очекуваат слаби врнежи од дожд.

Понатаму ќе има позитивни утрински и дневни температури кои ќе бидат во границите до 20 степени, оптимални за развој на земјоделските култури во овој период од годината.

Позитивните утрински температури според агрометеоролозите ќе овозможат да се прескокнат просечните датуми за последна појава на мраз, што на некој начин гарантира дека измрзнувањата од минатата недела би биле и последните за оваа пролет.

Поволните климатски услови ќе овозможат и работа на отворено во овоштарниците и лозовите насади, околу меѓуредовата обработката и заштитата на дрвцата и на лозите.

Ќе може да се работи и на сеидба на леите за производство на расад за тутунот како и вообичаени работи во градинарството за овој период од годината.

Методија Трајков