Гасификација

Кризата ја намали потрошувачката на гас во Куманово

28.03.2022 14:10

За дури 50 проценти е намалена потрошувачката на гас во Куманово. Кризата ги принуди големите потрошувачи, но и неколкуте домаќинства да бараат друг начин за затоплување. За април е најавено ново поскапување на цената, па метар кубен гас ќе изнесува дури 100 денари.

Енергетската криза влијае на работата на јавното претпријатие „Куманово гас“. Потрошувачката на гас изминативе три месеца за разлика од претходните, е падната за дури 50 проценти. Поради повисоката цена на гасот, покрупните потрошувачи и неколку домаќинства, одлучија да бараат друга алтернатива за затоплување. Најавено е и ново покачување на цената за април.

За март цената е 65 денари, исто како за февруари. Од април ќе биде околу 100 денари за метар кубен гас. Крајот на грејната сезона завршува на 15-ти април, што ќе биде во наредната сезона не знаеме и не можеме да проектираме-вели Марко Митровски, директор ЈП „Куманово гас“.

Големиот потрошувач затворениот базен веќе неколку месеци не функционира поради високите цени на струјата и гасот.

Кумановци коишто ги прашавме велат повторно се вративме на греење на дрва, бидејќи е најевтино.

Користиме дрва, многу е поевтино. На струја не размислуваме бидејќи е скапо-истакна еден кумановец.

Јас сум уште на дрва, ми останаа од лани неколку а и многу е поисплатливо-нагласува друг.

Со цел да ги стимулира граѓаните да користат гас, како најевтин и еколошки енергенс, општина Куманово веќе неколку години обезбедува субвенции за приклучок на домаќинствата со 15.000 денари.

Се надевам за поскоро решавање на проблемот, стабилизирање на цената на енергенсот кој за Куманово значи многу, бидејќи знаете дека Куманово е една од најгасифицираните општини, на тој начин ќе се придонесе и за индустријата, за спречување на загадувањето а и побрзи приклучоци до домаќинствата-истакна Ивана Ѓорѓиевска, претседателка на Совет на Општина Куманово.

Најголем потрошувач на гас во Куманово од денес ќе биде општата болница, која и официјално се приклучи на мрежата и повеќе нема да се затоплува на мазут.

Елена Георгиевска