Саем на книгата во охридската Библиотека
Со цел да се популаризира читањето книги од утре до триесет и први март охридската библиотека организира саем на книгата каде што љубителите на пишуваниот збор ќе имаат можност да купат книга по свој вкус по намалени цени. Читателите ќе можат да одберат книги од проектот на Министерството за култура и Владата: сто и триесет тома македонска книжевност, врвови на светската филозофија, историја и психологија и психоанализа, ѕвезди да светската книжевност и други изданија.

Саемот на книга ќе биде единствена можност охриѓани да видат, да одберат и купат книга по нивна мерка од продукцијата на повеќе издавачки куќи и охридската Библиотека. На тој начин се очекува дека уште повеќе ќе се подигне популарноста за читање на книги која од почетокот на пандемијата се зголемува, меѓутоа за тоа огромен придонес има и обновувањето и зголемувањето на книжниот фонд на оваа национална установа.
„Библиотеката последниве години организира честопати саеми, онака како што дозволува времето. Во програмата на нашата Национална установа се неколку саеми што би се рекло секој месец по една издавачка куќа од државава. Да им дадеме простор и шанса на сите издавачи да можат да понудат свои изданија, да се поблиску до охриѓани, да не патуваат во други места, да не ги купуваат по брза пошта и т.н.“, изјави Милчо Јованоски-директор на НУ Библиотека „Григор Прличев“ Охрид.
Особено радува податокот што во последниве години охриѓани од различни причини отстапуваат дел од својот книжен фонд на библиотеката, а во тие изданија се наоѓаат и ретки книги.
„Има и такви кои дури и не се потпишуваат и не сакаат да се знае кој е донаторот, туку само донираат од сопствените книги, а на другите ние се обидуваме барем еднаш да ги поканиме во библиотеката да им поделиме по една благодарница како благодарност за она што го направиле, за доброто дело книгата да го продолжи својот живот а не да биде оставена по таваните или визбите“, изјави Милчо Јованоски-директор на НУ Библиотека „Григор Прличев“ Охрид.
Со цел да се осовремени начинот на работење и да се следи трендот на техничко обновување, библиотеката континуирано контактира со универзитетските библиотеки, здруженија и поединци со цел да се потпишат меморандуми за соработка.
Сашо Нелоски
