Одбрана

Армијата- три децении гарант на суверенитетот и територијалниот интегритет

28.03.2022 15:06

Армијата три децении гарант на суверенитетот и територијалниот интегритет на земјава. Како членка на НАТО придонесуваме за светскиот мир и безбедноста, а припадниците на македонската војска се дел од мировните операции, предводени од НАТО, ЕУ и од Обединетите нации. Во Скопје се одржа трибина 30 години од формирањето на Армијата…

30 години од формирањето, современата Македонска армија помина низ трансформација во модерна сила, членка на НАТО и гарант на државната сувереност и територијален интегритет, но и за светската безбедност со учество во мировните мисии. Како и пред 30 години, светот се соочува со голема неизвесност предизвикана од руската агресија врз Украина, посочија првите луѓе на одбраната.

„Армијата изминативе 30 години целосно се трансформираше. Започнавме скромно, но со огромна волја втемелена врз слободарските традиции на илинденците и на партизаните во Антифашистичката борба. Модернизацијата се одвиваше во согласност со стандардите на алијансата фаќајќи го чекорот со најновите трендови во одбраната. Токму го овој период членство во НАТО станува важен стабилизирачки фактор за Република Северна Македонија, со особено внимание ги следиме во Украина и во рамки на нашите можности како членка на НАТО помагаме во одбраната на демократските вредности на слободниот свет. Од првиот ден ја осудивме агресијата на Русија врз Украина и се солидаризиравме со украинскиот народ и држава“, изјави претседателот и врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски.

„Случувањата во Украина не потсетија дека војната на европско тло не е минато, а мирот за жал, не е засекогаш гарантиран. Тоа не потсети дека развојот на одбранбените капацитети се повеќе од неопходност“, рече министерката за одбрана, Славјанка Петровска.

Армијата е столб на државноста и безбедноста на татковината и понатаму мора да се развива за да одговори на новите предизвици, истакна началникот на Генералштабот.

„Констатацијата од раководството на НАТО алијансата дека ги исполнивме потребните услови за целосно воено интегрирање во НАТО во рекорден рок, е доказ дека умееме да ги вградуваме научените лекции и владееме со трансформациските процеси на начин кој потврдува успех“, нагласи генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски-началник на Генералштабот.

Армискиот врв вети дека со јакнење на моралот и подобрување на севкупната борбена готовност ќе продолжи да дејствува во служба на татковината и граѓаните.

Ирина Гелевска