Евроинтеграции

Маричиќ- Лудва: Почетокот на пристапните преговори е висок приоритет на чешкото претседателство​

28.03.2022 15:27

Како што соопштуваат од СЕП, Маричиќ го информираше амбасадорот Лудва за досегашните реализирани реформи на патот кон ЕУ, а го брифираше и за динамиката на разговори и соработка со Република Бугарија.

Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ денес имаше средба со чешкиот амбасадор во земјава Јарослав Лудва и заменик амбасадорот Лубомир Пшенка, на која  беше разговарано за односите меѓу двете земји, процесот на европска интеграција на земјава, реформите што се спроведуваат, состојбите во регионот и воената криза во Украина.

Како што соопштуваат од СЕП, Маричиќ го информираше амбасадорот Лудва за досегашните реализирани реформи на патот кон ЕУ, а го брифираше и за динамиката на разговори и соработка со Република Бугарија.

Соработката е услов за стабилноста и развојот на регионот и секој треба да покаже искрена посветеност на оваа цел. Нашата земја недвосмислено покажа дека е промотор на регионалната соработка, со што активно придонесува за стабилноста - што е важно за ЕУ и пошироко. Членството во ЕУ е наша стратешка определба и работиме на отстранување на блокадата за почеток на преговорите. Чешка отсекогаш била наш поддржувач во евроинтеграцискиот процес и се надевам дека тоа ќе остане и за време на нејзиното претседавање со Унијата, рече на средбата вицепремиерот Маричиќ.

На средбата амбасадорот Лудва му ги предочи на вицепремиерот Маричиќ приоритетите на чешкото претседателство со ЕУ кои ја засегнуваат нашата земја, посочувајќи дека Чешка останува принципиелен поддржувач на политиката на проширување на Унијата на земјите од Западен Балкан. Во тој контекст беше потврдена и силната поддршка на Чешка за итно отпочнување на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ.

Двајцата соговорници се согласија дека Северна Македонија нема друга алтернатива за подобар живот на граѓаните освен членство во ЕУ и воведување европски стандарди и вредности, како и дека Унијата конечно треба да го испорача ветеното за земјата врз основа на постигнатиот напредок- стои во соопштението.