Согорување на биомаса – најголем поединечен извор на загадување
Согорувањето на биомаса е најголем извор на загадување на амбиенталниот воздух, покажуваат резултатите од студијата спроведена во Скопје. Голем проблем се и согорувањето на нафта и мазут. Контрола на прашината при градежните активности, миење на улиците, замена на начинот на греење во јавните и комерцијалните објекти, се дел од мерките што можат да помогнат на краток рок…

Согорувањето на биомасата е најголемиот поединечен извор на загадување на воздухот, покажуваат резултатите од студијата за откривање на изворите на загадување на воздухот во Скопје. Според анализата, постојат и други значајни извори на загадување како што се согорувањето на нафта и мазут и минералната прашина. Контрола на прашината при градежните активности, миење на улици, поинтензивна замена на греењето на јавните и на комерцијалните објекти, намалување на учеството на нафтата и мазутот во производството на топлинска енергија се дел од мерките на пократок рок.
„Половина од училиштата во урбаната зона на Скопје, од основните училишта се греат на нафта или мазут. Веројатно има и многу други јавни институции коишто се греат. Веројатно и индустријата користи доста мазут за производство на топлина“, изјави Дејан Мираковски, професор на универзитетот „Гоце Делчев“-Штип.
Од Министерството за животна средина побарале од институциите и од Владата да подготват листи за начинот на кој се греат, исто и од општините. Министерот Нуредини вели-почнале со менување на начинот на греење со болницата во Чаир, болницата во Куманово.
„Исто така дека и транспортот е еден од најголемите проблеми и индустријата, како и неконтролирано греење на масло. Тоа значи дека ние мора да се вклучиме со сите институции да ги контролираме тие загадувачи во нашата држава кои работат без А-интегрирана или Б-интегрирана дозвола“, нагласи министерот за животна средина Насер Нуредини.
„Работиме по пријави на граѓани, и тоа многу активно во изминатите месеци. Се надевам заеднички следната студија којашто ќе ја сработиме со УНДП ќе биде одраз на овие мерки кои ги преземаме за санирање на проблемот“, рече градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
Мораме да се справуваме заедно и со загадувањето на околината, предизвикано од загадениот воздух оцени амбасадорката на Шведска.
„Во Шведска на пример, имаме целосна поддршка за квалитетот на воздухот, но работиме и во други области кои се поврзани со управување со отпад. Со УНИЦЕФ имаме едукативна програма за работа во училиштата за климатските промени“, изјави Кристин Форсгрен Бенгтсон, амбасадорка на Шведска во земјава.
Градоначалничката Арсовска најави почнување со најголемиот еко капитален проект во регионот, пречистителната станица за отпадни води, со која ќе се прочистат 90 проценти од овој вид урбан отпад.
Ана Ј. Тодоровска
