Промовиран документарен филм за Хосе Емилио Пачеко во продукција на МРТ

06.04.2014 13:33

Во рамките на активностите поврзани со Струшките вечери на поезијата во сценарио и режија на Диме Ратајкоски, а во продукција на МРТ беше прикажан документарниот портрет насловен како „Сеќавање на утрешнината“ посветен на минатогодишниот лауреат на СВП Хозе Емилио Пачеко од Мексико...

Хосе Емилио Пачеко е роден во Мексико Сити 1939 година. Тој е поет, раскажувач, есеист, новинар, преведувач и професор.

Како круна на неговото извонредно животно дело, во 2009 година во Мадрид ја добил наградата за книжевност, најважната награда за еден писател на шпански јазик а во 2013 год и златниот венец на СВП.

„Филмот е во продукција на МРТВ и е снимен по сценарио и режија на Диме Ратајкоски. Ќе имаме прилика преку овој филм уште еднаш да се потсетиме на творештвото на Хосе Емилио Пачеко“, изјави Мите Стефоски, директорот на СВП.

МРТ од самите почетоци на Струшките вечери на поезијата ги прати активностите поврзани со оваа светски позната поетска манифестација а сето тоа со цел да остане архивирано за наредните генерации.

„Документарниот портрет на Хосе Емилио Пачеко се обидува да не врати на старите добри патеки кога поезијата преку видеото можевме да ја доближиме до обичниот граѓанин. Станува збор за еден документарен портрет во кој преовладуваат силните емоции и чувства од пишаната оставштвина од самиот автор кој што на еден многу интересен израз благодарение на богата архива на МРТ ќе можат практично да излезат на виделина“, вели главниот уредник на програмата на МРТ, Диме Ратајкоски.

На почетокот на оваа година, мексиканскиот поет и лауреат Хозе Емилио Пачеко не напушти, но при тоа зад себе остави богата архива на своето творештво.

Јованчо Наумоски