Македонија

Водњанци бараат поддршка од Пендаровски

28.03.2022 16:37

Упорните жители од улицата „Питу Гули“ бараат поддршка од „блискиот сосед“ да се поништи дозволата за градба на парцелата која се наоѓа на 250 метри воздушна линија до Резиденцијата на Претседателот.

Водњанци на средба со претседателот Пендаровски. Упорните жители од улицата „Питу Гули“ бараат поддршка од „блискиот сосед“ да се поништи дозволата за градба на парцелата која се наоѓа на 250 метри воздушна линија до Резиденцијата на Претседателот.

„Сметаме дека е нужно Претседателот да биде информиран за сите аспекти од градењето и од оваа постапка, како би можел да остане доследен на неговите заложби предвидени во Оперативниот план 2030 каде што меѓудругото се залага за еколошки теми, еколошки точки кои би требало да ги исполни а се во надлежност на институцијата Претседател. Сето ова заедно со елаборатот што го имаме од Шумарскиот факултет дека тука постои опасност со еколошки предзнаци и карактеристики, меѓу другото и свлечиште“, изјави Сузана Јошевска – Атанасовска – правен застапник на засегнатите граѓани.

По еден час разговор, од кабинетот на Претседателот со соопштение:

„Очекувам државните институции на централно и на локално ниво да работат во служба на јавниот интерес и функционирање на правната држава, со цел да се заштитат правата на граѓаните“- се вели во соопштението.

МТВ известуваше дека жителите од „Питу Гули“ поднесоа барање за поништување на одобрение за градење до Општина Центар. Во барањето жителите направиле пресек на неколку главни неусогласености, како што е сомнежот дека ќе се гради мотел, преноќувалиште или хотел, иако е дадена дозвола за „луксузно домување“. Од Општина Центар сè уште нема одговор на барањето. Но, со соопштение до јавноста пред неколку дена се огласи фирмата „Маркеза“ која што треба да гради.

„Јавноста и медиумите мора да ја знаат вистината за да се престане со пласирање на лажни вести од причини што Маркеза Дооел Скопје со изградба на објект семејна куќа нема да наруши ниту зелен појас, ниту ќе создаде свлечишта, ниту пак има врска со било кои плацеви на Водно за кои се водат судски постапки, туку напротив ќе гради семејна куќа и во дворното место на истата ќе пошуми поголем фонд од постоечкиот и со тоа ќе придонесе за заштита на животната средина“, стои во соопштението на компанијата.

 

Катерина Топалова