Кошарка

Во дуелот на лидерите Феникс подобар од Филаделфија

28.03.2022 17:01

Со одлична игра во второто полувреме кошаркарите на Феникс ја совладаа Филаделфија со 114-104 во дуелот на водечките екипи по конференции и ја продолжија серијата на 8 последовни победи или вкупно 61 што ги прави убедливо најдобар состав во лигата...

Со одлична игра во второто полувреме кошаркарите на Феникс ја совладаа Филаделфија со 114-104 во дуелот на водечките екипи по конференции и ја продолжија серијата на 8 последовни победи или вкупно 61 што ги прави убедливо најдобар состав во лигата ако се има предвид дека доживеаја само 14 порази. Од друга страна Филаделфија го запиша 28 пораз и падна на 4-тото место во источната конференција. Букер со 36 и Пол со 19 поени, но и со 14 асистенции беа предводниците во победата на Феникс.

Во дуелот на 4-то и петто пласираните екипи на западот Далас ја победи Јута со 114-100 и ја презеде 4-тата позиција нанесувајќи и го на Јута четвртиот пораз во серија. Лука Дончиќ одново беше предводникот на Далас со 32 поена, 10 скока и 5 асистенции. Екипата на Лос Анџелес Лејкерс и покрај водството со 23 поени го претрпе 43-от сезонски пораз на гостувањето кај Њу Орлеанс со 116-108 и го доведе во прашање пласманот во плеј-ин сегментот односно разигрувањето за настап во плеј-офот.

Засега се на 10-тата позиција – последна што води во разигрувањето, но со закана од Сан Антонио кој е веднаш зад нив. Залудни се покажаа 39-те поени на Леброн Џејмс кој стана втор играч во историјата на НБА зад Џабар со над 37000 поени во кариерата. Бостон беше сигурен против Минесота со 134-112 и ја презеде првата позиција на истокот со 47 победи и 28 порази, Вашингтон го совлада Голден Стејт со 123-115, додека единствени победа на гости славеа кошаркарите на Шарлот во Бруклин со 119-110.