Нашите за исполнување на сонот, Португалците за оправдување на фаворитската улога
Ова ќе биде еден од најтешките и највозбудливите натпревари. Ова се деведесет минути во коишто треба да го исполниме нашиот детски и сонот на сите во Македонија- вели Елмас...

Во пресрет на натпреварот меѓу Португалија и Македонија од кој победникот ќе обезбеди настап на светското првенство во Катар, Ви пренесуваме дел од изјавите на актерите на мечот:
„Ова ќе биде еден од најтешките и највозбудливите натпревари. Ова се деведесет минути во коишто треба да го исполниме нашиот детски и сонот на сите во Македонија. Оваа шанса не смее да ја пропуштиме. Португалија е за нијанса поквалитетна од Италија, не смеат,а би сакал да не потценат“, изјави Елиф Елмас.
„Имаме уште 90 минути, на половина пат сме. Ќе дадеме максимум,ако треба ќе изгинеме и на овој натпревар за да го повториме тоа што се случи во Палермо.Не очекува поинаков натпревар, бидејќи Италија игра поинаку од Португалија којашто игра повеќе индивидуално. Секако дека ќе ни бидат потребни истиот мотив, желба, пожртвуваност и на мечот во Порто и со доза на малку среќа да успееме да се радуваме и да ја исплнима зацртаната цел“, рече Тихомир Костадинов.
„Секогаш има притисок, но мислам дека сме подготвени. Знам дека затоашто играме со Македонија, многумина мислат дека ќе биде лесно, но ќе биде исклучително тешко. Македонските фудбалери заслужија да бидат тука, но ако им направиме пекол на Драгао, ќе направиме и одличен резултат.Дали сме фаворити? Тој концепт никогаш не го разбирам, но себеси се доживувам како фаворит, без разлика дали играме дома или на гости. Знаеме дека победа не носи на мундијал, а поразот ни ја затвора вратата. Наша обврска е да бидеме одговорни, позитивни и да победиме.Не постои Светско првенство без Португалија“, рече Кристијано Роналдо.
„Не знам што ќе се случи во текот на натпреварот, јас не сум гатачка. Однадвор е лесно, сите можеме да зборуваме. Што и да им објаснувам на играчите, на теренот работите не се такви какви што мислиме. Македонија можа да одигра и на друг начин, каков што не очекуваме. Дали ова ќе биде натпревар на животите на македонските фудбалери? Да, но тоа е и меч на нашите животи. Затоа треба да одговориме на нивната одлучност, агресивност, победнички дух и огромна желба“, нагласи Фернандо Сантош.
