Македонскиот фудбалски сон, одиме на "Светско"
И да не успее, мартовското лудило во 2022-ра вечно ќе се памети, успее ли, тогаш само небото е граница...

Проклето убав е фудбалот, веројатно само во него две огромни победи не се гаранција за остварување на целта и на сонот. Во сите други спортови, триумфи против 11-та и 6-та светска сила, Германија и Италија би биле доволни за пласман на мундијал, само не во најважната работа на светот. Но тоа е судбината на Македонија, ќе треба да слави и против трет европски првак за да ја принуди фудбалската елита да ја прими во избраното друштво.
И да не успее, мартовското лудило во 2022-ра вечно ќе се памети, успее ли, тогаш само небото е граница. Македонските фудбалери го мина денот во детална анализа на противникот, на последниот тренинг ја почувствуваа на грандиозноста на "Драгао". Селекторот Благоја Милевски нема проблеми со повредени и казнети, но и за да не ја наруши традицијата не го откри почетниот состав. Ова се мечеви на коишто се потребни сите, без разлика на улогата и на минутажата затоашто шансата на Македонија е во колективноста наспроти врвниот индивидуален квалитет на противникот.
Португалците се внимателни, не се расфрлуваат со однапред славенички изјави, но не можат да го избегнат фактот дека од нив се очекува да победат, дека јавноста не признава ништо друго освен осмо учество на Светско првенство. Домаќинот ќе биде комплетен со Ренато Санчез, Кансело и Пепе. Португалците не знаат што да очекуваат од Македонија, агресивност или дефанзивен блок, но најавуваат цврст натпревар сличен на двата досегашни меѓусебни и тоа пријателски.
Во 2003-та во Лозана, Португалија победи со 1:0, а во 2012-та во Леирија беше 0:0, од сегашните фудбалери на тој дуел играа Роналдо и Мутињо и Стефан Ристовски и Спировски. 90, 120 минути или пенали, на Македонија и е сеедно, важно е да одиме на "Светско".
