Земјоделство

18,5 милиони евра за рурален развој

29.03.2022 07:48

Вкупно 18,5 милиони евра годинава ќе можат да се искористат за руралниот развој. Младите земјоделци за основање на сопствен бизнис ќе добијат грант од 20 000 евра, а финансиска поддршка е предвидена и за жените носители на земјоделско стопанство.

Годинава на земјоделците им стојат на располагање 18,5 милиони евра од Програмата за рурален развој.

Младите кои ќе почнат сопствен земјоделски бизнис ќе имаа право на субвенции за чија намена се предвидени 60 милиони денари.

За набавката на приплоден добиток се обезбедени 265 милиони, за трактори 21,5, за подигнување нови насади 15, и 120 милиони денари за бунари и за системите капка по капка. Вкупната поддршка за поттикнување на земјоделско производство изнесува 150 милиони денари и е неповратна помош за зголемување на дејноста на семејните стопанства.

За инвестиции во преработка и маркетинг на земјоделските производи, се предвидени 13 милиони денари. Корисници се мали, микро, средни претпријатија и земјоделски задруги кои имаат договори со платежната агенција за користење на ИПАРД средствата. Висината на поддршката е 100 проценти од инвестицијата во форма на предфинансирање, а средствата треба да се вратат на 8 годишни рати.

Водостопанската инфраструктура, државните пасишта, пристапот до земјоделското земјиште и консолидацијата ќе бидат поддржани со 143 милиони денари.

За реализација на мерките од програмата за рурален развој, платежната агенција објавува јавни повици, а еден барател може да користи пари најмногу од две мерки.

Методија Трајков