Руско-украински конфликт

Нова рунда преговори за мирно решение

29.03.2022 10:38

Русија и Украина на нова рунда преговори за мировно решение. Битките на фронтот не запираат. Двете страни се борат за превласт во регионот на Киев.

Нов обид за мировно решение на руско-украинскиот конфликт. Делегациите од Киев и Москва на средба во Истанбул со посредство на турскиот претседател Ердоган. Безбедносните гаранции и неутралноста на Украина меѓу главните точки. Во јавноста се појави нацрт-договор за примирје, со кој Русија наводно ќе се откаже од денацификација на Украина и ќе му дозволи на Киев да се приклучи на ЕУ, но под услов да се откаже од амбициите за членство во НАТО. Според документот, Украина нема да развива нуклеарно оружје и да лоцира странски воени бази на своја територија.

Пред почетокот на средбата, Ердоган изјави дека двете земји се вредни пријатели на Турција, нагласувајќи дека напредокот на овие состаноци би отворил пат за лидерска средба.

Киев скептичен околу шансите за успех. Претседателот Зеленски претходно изрази подготвеност да прогласи неутралност, како што бараше спротивната страна, и да направи компромис за судбината на Донбас, спорниот регион на истокот на Украина. Побара и директна средба со својот руски колега Путин, но Кремљ смета дека е прерано за таков чекор.

„Состанокот е потребен веднаш штом ни биде јасен исходот на сите клучни прашања. Ние со години зборувавме за нив, но Западот не нè слушаше. Сега нè слушнаа“, изјави министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров.

Паралелно со дипломатските напори продолжуваат и воените операции во Украина.

„Бранителите напредуваат кон регионот на Киев, ја враќаат контролата врз украинската територија. Го ослободивме Ирпин. Окупаторите се истерани од Киев и Ирпин, но сè уште е рано да се тврди дека е безбеден овој регион. Борбата продолжува. Руските трупи го контролираат делот северно од Киев. Имаат ресурси и екипа. Се обидуваат да ги обноват уништените единици“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Во Одеса засега мирно. Но жителите и војската се сомневаат дека затишјето е привремено. Се прават планови и подготовки за употреба на древните катакомби при нов напад, исто како за време на Втората светска војна.

„Бевме под силен оган. Ракети. Бомби.“

„Градот заживува. Стравот исчезнува.“

„Се надевам дека ќе ги зачуваме овие убави градби, улиците и народот. Се надевам дека овде нема да паднат ракети“

Во меѓувреме, украинската Државна служба за специјални комуникации и заштита на информации извести дека руските сили извршиле кибернетички напад врз Укртелеком.

Маја С. Филдишев